По вчерашниот, за работниците неуспешен обид да се издејствува повисок минималец на Економско социјалниот совет, денес Сојузот на синдикати објави анализа за потребата од раст на минималната плата во Македонија. Според документот оваа анализа нуди детален преглед на економските состојби, трошоците за живот и оправданоста за зголемување на минималните примања на работниците.
Податоците за минималната и просешната плата во Македонија покажуваат континуиран раст во последните години, но со различен интензитет на зголемување. По 2022 година наваму, минималната плата бележи континуиран пораст, при што во 2022 година по 15.194 денари се зголеми на 18.000 денари, за во 2025 година истата да изнесува 24.379 денари. Најголемето зголемување е регистрирано во 2022 година и тоа за 18,47%, кога поради притисокот врз работодавачите и тогашната Влада, Сојузот на синдикатите на Македонија организираше низа протести за зголемување на минималната плата од 15.194 денари на 18.000 денари.
Според таа методологија, минималната плата годишно се усогласуваше помеѓу 300 и 500 денари и денеска истата ќе изнесуваше 19.561 денари што ни блиску немаше да биде доволно за достоинствен живот, се наведува во анализата на синдикатот.
„Во 2023 и 2024 година усогласувањето на минималната плата продолжува, но со намалена динамика (12,8% и 11,86%), додека во 2025 година усогласувањето се сведува на минимални 8,05%, што укажува на недоволна грижа за реалните трошоци за живот на работниците, па затоа беа организирани протести со барање за дополнителен раст на минималната плата. Од друга страна, просечната плата во истиот период се зголемила од 31.859 денари во 2022 година на 41.239 денари во 2024 година, односно за околу 29% за три години. Највисок раст е забележан во 2023 гпдина (14,93%)“, се наведува во анализата на ССМ.
Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2025 година изнесува 65 492,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември 2025 година која изнесува 65 173,00 денари е зголемена за 319,00 денари. Доколку во пресметката се вклучи и трошокот за изнајмување стан со површина од 60 квадратни метри, вкупната вредност на синдикалната минимална кошница достигнува 80.867 денари. Синдикалната минимална кошничка покажува дека во период од 4 години, трошоците за живот за едно четиричлено семејство се зголемиле за речиси двојно. Јануари 2022: 35.811,00 денари, Декември 2025: 65.492,00 денари, односно се зголемила за 29.681,00 денари или 82,88%.
„Постојаниот раст на цените на основните производи и услуги уште еднаш ја покажува потребата од усогласување на платите со реалните животни трошоци. Усогласувањето на минималната плата со синдикалната кошница не е само економска туку и социјална потреба. Ова обезбедува достоинствен живот за работниците и нивните семејства, го намалува ризикот од сиромаштија и го зајакнува домашниот пазар преку зголемена куповна моќ. Истовремено, тоа ја потикнува економската стабилност и ја намалува зависноста од државните социјални трансфери“, стои во анализата.
Истражувањето јасно покажува дека платите, како основен извор на приход за работниците и нивните семејства, се повеќе го губат чекорот со реалните трошоци за живот. Куповната моќ на платите значително се намалува под притисок на инфлацијата, поскапувањето на основните производи и растечките трошоци за живот. Овој јаз помеѓу платите и потребите доведува до реален пад на вредноста на платата, продлабочување на сиромаштијата и создавање дополнителен социјален притискк врз работничките семејства со најниски примања.
И.П



