Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба против британскиот медиумски сервис BBC за начинот на кој неговиот говор пред поддржувачите во Вашингтон беше монтиран пред инвазијата на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, барајќи отштета до 10 милијарди долари.
Американскиот претседател тврди дека BBC „намерно, злонамерно и погрешно“ променила делови од неговиот говор во емисијата Панорама, емитувана пред нешто повеќе од една година. Во тужбата поднесена во понеделник вечерта, Трамп бара пет милијарди долари по две точки, за клевета и за кршење на Законот за измамнички и нефер деловни практики на Флорида, објавува Гардијан.
Во спорната монтажа на Панорама, делови од говорот одржани со разлика од речиси еден час биле споени, оставајќи впечаток дека Трамп рекол: „Одиме во Капитол, ќе бидам со вас и ќе се бориме. Ќе се бориме жестоко“. BBC не коментираше веднаш за тужбата, но претходно призна дека монтажата била „грешка во проценката“ и му се извини на Трамп, со став дека нема правна основа за тужба за клевета.
Поради оваа афера, генералниот директор на BBC, Тим Дејви, и директорката на информативната програма, Дебора Тернес, поднесоа оставки минатиот месец. Нивното заминување дојде во услови на криза предизвикана од обвинувањата за „сериозни и системски проблеми“ во известувањето на BBC за теми како што се Трамп, Газа и трансродовите лица. Овие обвинувања ги изнесе Мајкл Прескот, експерт за односи со јавноста и поранешен независен советник на телото за уреднички стандарди на BBC, во меморандум што подоцна протече во медиумите.
Адвокатскиот тим на Трамп тврди дека емитувањето на монтажата, само една недела пред претседателските избори во 2024 година, било „дрзок обид“ да се влијае врз изборниот процес. Тие исто така тврдат дека BBC работи во Флорида преку своите дигитални активности, како што се нејзината веб-страница и платформата за стриминг BritBox, што според нив му дава надлежност на судот.
Во тужбата против BBC, правниот тим на Трамп тврди дека BBC признала сериозни прекршувања на новинарската етика и се извинила, но не покажала вистинско каење ниту пак спровела институционални промени за да спречи слични злоупотреби во иднина. Поради ова, Трамп бара и надомест на штета и кривични казни за, како што тврди, сериозна штета на неговиот углед.



