Грција денес ќе врати 5,3 милијарди евра од европските кредити доделени според Првиот меморандум со еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во 2010-та година на почетокот на грчката финансиска криза, објави државната телевизија „ЕРТ“.
Предвремената отплата ќе се случи со согласност на Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) и Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФСФ).
Со цел побрзо намалување на државниот долг и заштеда на трошоците за камата (кредитите според првата шема за финансиска поддршка имаат променлива каматна стапка и доспеваат во периодот 2033-2041 година), Грција ја продолжува својата програма за предвремена отплата со средства од финансискиот тампон, кој изнесува околу 45 милијарди евра.
Со денешната предвремена отплата, грчкиот државен буџет ќе биде ослободен од плаќања во вредност од 1,6 милијарди евра по 2026-та година.
Клучна цел на грчката влада е да ги отплати кредитите според меморандумите со доверителите за време на финансиската криза порано од утврдениот датум, па дури и до 2031-ва година.
Поточно, Грција сака да отплати до 2031-ва година износ од 31,6 милијарди евра според првиот меморандум, кој е предвиден да се исплати во периодот 2029-2041 година.
Се очекува вкупниот долг на Грција да достигне 145,9% од БДП на крајот на 2025-та година, да падне на 138,2% во 2026-та година и да се намали под 120% во 2029-та година, приближувајќи се до нивоата на долг на Франција.
Во периодот 2022-2024 година, Грција веќе предвремено отплати европски кредити во вредност од 15,9 милијарди евра, а со денешната исплата, износот на предвремено отплатени кредити на европските кредитори ќе достигне 20,1 милијарди. Покрај тоа, Грција предвремено отплати 7,9 милијарди евра од своите кредити кон ММФ, што доведе до отпис на нејзиниот долг кон фондот. Вкупно, Грција предвремено отплати околу 29 милијарди евра и заштеди 3,5 милијарди евра камата.



