На плоштад Македонија вечерва во 18 часот елката ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.

