ПочетнаЕКОНОМИЈАЦГК: Милионски загуби, долгови и блокирани сметки - финансиски биланси на локалните...

ЦГК: Милионски загуби, долгови и блокирани сметки – финансиски биланси на локалните јавни претпријатија

Денес, 11 декември 2025 година, Центарот за граѓански комуникации(ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци за финансиските резултати на локалните јавни претпријатија во земјава. Истражувањето открива дека:

⦁ Загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава, односно 71 од 128-те претпријатија.
⦁ Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра.
⦁ На првите три места според загубите се скопски, а на третото и четвртото место се битолски јавни претпријатија.
⦁ Во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби.
⦁ Само првите 10 претпријатија со најголеми загуби, прикажале 77 % од вкупните загуби.
⦁ Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра.
⦁ Долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 % од вкупните долгови на сите претпријатија.
⦁ На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка.
⦁ Во локалните јавни претпријатија работат повеќе од 12.000 луѓе, иако бројот на вработени во последните неколку години благо се намалува.

Според податоците од завршните сметки за минатата, 2024 година, од вкупно 128-те локални јавни претпријатија чии основачи се општините, дури 71, односно 55% ја завршиле годината со загуба. Вкупните загуби на овие 71 претпријатие изнесуваат 17,4 милиони евра.

Вкупните загуби само на првите 10 претпријатија со најголеми негативни финансиски резултати изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77% од вкупните загуби на локалните јавни претпријатија.

На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија – Водовод и канализација, Улици и патишта и Комунална хигиена. Само скопски Водовод има загуба од 4,2 милиони евра.

На четврто и петто место се две битолски претпријатија, Водовод и Комуналец. Следи уште едно скопско претпријатие, Паркови и зеленило, а потоа комуналните претпријатија од Кочани, Велес, Охрид и Прилеп.

Инаку, загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година.

Целото истражување можете да го погледнете тука.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП