ПочетнаЕКОНОМИЈАФајненшл тајмс: Нафтена компанија од Абу Даби е главен кандидат за купување...

Фајненшл тајмс: Нафтена компанија од Абу Даби е главен кандидат за купување на рускиот удел во НИС

Националната нафтена компанија од Абу Даби (ADNOC) се појави како главен кандидат за купување на 56,15 проценти од акциите што ги поседуваат руските компании во Нафтената компанија на Србија (НИС), која е под санкции на САД, објави Фајненшл тајмс.

Сепак, иако ADNOC е фаворит за купување на единствената српска рафинерија, компанијата сè уште е во преговори со други потенцијални понудувачи, вклучувајќи ја и унгарската нафтена компанија МОЛ, објави ФТ повикувајќи се на неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Според извештајот на овој медиум, вклученоста на ADNOC произлегува, пред сè, од блиските односи меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија, а не од стратешки или деловни причини.

Вредноста на зделката е нејасна, но во својот последен извештај за 2024 година, НИС пријави средства од 4,7 милијарди долари, или околу четири милијарди евра, при што околу 2,6 милијарди се однесуваат на уделот на руските сопственици, според ФТ.

Извори на ФТ потсетуваат дека Владата на Србија би претпочитала да го купи рускиот удел во НИС, но дека руските ко-сопственици не се подготвени да го продадат на државата.

За потсетување, НИС е во сопственост на Газпром Нефт – нафтената филијала на рускиот енергетски гигант Газпром, која поседува 44,85 проценти од компанијата. Владата на Србија има 29,87 проценти удел, а компанијата „Интелиџ“ од Санкт Петербург, која е индиректно контролирана од Газпром, поседува 11,3 проценти. Остатокот им припаѓа на малцинските акционери.

Министерството за финансии на САД првпат објави санкции против српската компанија во јануари поради нејзиното руско сопствеништво.

По неколку одложувања, ограничувањата стапија на сила во октомври, што ја принуди НИС минатата недела да започне со затворање на својата рафинерија од 4,8 милиони тони годишно во Панчево, единствената во Србија, поради недостаток на сурова нафта за преработка.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП