Рускиот претседател Владимир Путин има нова задача за владата и локалните власти, создавање високо платени работни места поврзани со нови технологии, развој на производство со додадена вредност и зголемување на потрошувачката на руски стоки, јасно е од записникот од состанокот на Советот за стратешки развој и национални проекти, објавен од Кремљ.
Русија мора да почне да извезува „сложени производи“, што ќе стимулира поквалификувано вработување, рече и рускиот претседател, истакнувајќи дека во текот на воените години (од 2021-ва до 2024-та година) продуктивноста на трудот во Русија се зголемила за минимум 0,7 проценти
Тој, исто така, повика на транспарентно и конкурентно деловно опкружување, како и на елиминирање на сивиот сектор во трговијата, што би обезбедило дека нема да има скриени приходи во врска со зголемувањето на ДДВ од 20% на 22% во 2026-та година.
„За државата и општеството, ефектот треба да биде зголемување на буџетските приходи“, забележува тој, додавајќи дека е изготвен план за развој на руската економија до 2030-та година. Путин повикува мерките да се спроведат веднаш и да имаат резултати до крајот на 2026-та година.
Пред неколку недели, вицепремиерот Александар Новак истакна дека Русија повеќе не е „нафтена економија“ и дека приходите од преработувачката индустрија и производството на храна се зголемуваат.
Податоците од меѓународните институции покажуваат намалување на приходите од нафта, кое не може да се надмине со други приходи во буџетот. Руската економија почнува да забавува сè позабележително, што го признаваат и руските власти.
Транзицијата кон високотехнолошка економија мора да се одвива со одржување на ниско ниво на невработеност и умерена инфлација, која според најновите официјални податоци во октомври изнесуваше 7,7%. Целта на Централната банка на Русија за 2026-та година е 4%.



