Украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбите во Лондон изјави дека „клучно денес единството на Европа и Украина, како и единството на Европа, Украина и САД“, повторувајќи ги пораките што претходно им ги упати на новинарите.
„Денес имавме детален разговор за нашите заеднички дипломатски напори со американската страна, усогласивме заеднички став за важноста на безбедносните гаранции и реконструкцијата и се договоривме за следните чекори“, рече Зеленски.
Тој додаде дека е одржан посебен разговор за понатамошна одбранбена поддршка на Украина. „Благодарен сум на лидерите за нивната подготвеност да бидат со нашиот народ и да ни помогнат на патот кон мирот“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес во Лондон, дека американскиот мировен план сега е намален на 20 точки и дека Америка бара компромис, но рече дека „нема компромис кога станува збор за територија“.
„Украина нема право – ниту според Уставот, ниту според меѓународното право, ниту според моралниот закон – да се откаже од своите територии“, рече Зеленски и најави дека Украина ќе го ревидира сегашниот нацрт на американскиот мировен предлог и ќе го достави до Вашингтон „веројатно во вторник навечер“.
Зборувајќи за обновата на земјата, Зеленски рече дека клучното прашање е финансирањето и дека позицијата на Европа, која „игра клучна улога“, мора да се земе предвид.
Да потсетиме, денес во Лондон, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.



