Швајцарската инфлација неочекувано престана да расте во ноември, при што клучната мерка достигна четиригодишно најниско ниво, што ги засилува тензиите меѓу централните банкари само неколку дена пред нивната конечна одлука за каматната стапка во 2025-та година.
Растот на потрошувачките цени изнесуваше нула на годишна основа, соопшти во среда Швајцарскиот национален завод за статистика. Ова беше најслабото отчитување во последните шест месеци и намалување од 0,1% во октомври. Повеќето економисти анкетирани од „Bloomberg“ очекуваа мерката да остане стабилна или да се зголеми.
Т.н. основна инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на енергијата, изнесуваше 0,4% — најниско ниво од август 2021-ва година.
Резултатот ја доведува во прашање прогнозата на Швајцарската централна банка дека ценовните притисоци ќе се зголемат на просек од 0,4% во тековниот квартал. Со сегашната нулта основна стапка, монетарните власти се внимателни да избегнат понатамошни намалувања што би можеле да го нарушат финансискиот систем, иако ветуваат дека ќе интервенираат доколку е потребно.
Швајцарија се соочува со невообичаена нестабилност во последните месеци. Нејзината економија забележа намалување по прв пат по повеќе од две години во третиот квартал, делумно поради високите увозни тарифи наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп. Подоцнежниот трговски договор со САД го турна франкот на највисоко ниво во однос на еврото во последната деценија. Силниот франк ја намалува инфлацијата, го прави увозот поевтин, а предизвикот е уште поакутен во време кога швајцарската инфлација е на работ да падне под долниот крај од целниот опсег од 0-2%.
Сепак, повеќето аналитичари не очекуваат каматните стапки да паднат на негативна територија на состанокот закажан за 11 декември, ниту гледаат таков потег во иднина. Анкетата на „Bloomberg“ покажува дека повеќето економисти очекуваат стапките да останат непроменети до 2027-ма година, а потоа да се зголемат во првиот квартал од 2028-ма година.
Прогнозата е во согласност со изјавите на централната банка. Нејзините претставници нагласуваат дека кратките периоди на инфлација под нулата не се проблем, а гувернерот Мартин Шлегел минатиот месец повтори дека „летвата за намалување на стапките на негативна територија е поставена високо“.



