ПочетнаЕКОНОМИЈАРуте: Русија се подготвува за долгорочна конфронтација

Руте: Русија се подготвува за долгорочна конфронтација

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес објави дека Русија се подготвува за долгорочна конфронтација, објавува Би-Би-Си.

Во своето воведно обраќање на тркалезната маса во Брисел, на која учествуваат и министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, Руте рече дека Русија „продолжува да ја тестира нашата способност за одвраќање“ и дека „се соочуваме со реални и трајни опасности“.

Руте, исто така, рече дека Русија го нарушила воздушниот простор на земјите-членки на НАТО со авиони и беспилотни летала, извршила саботажи и испратила шпионски бродови во нивните води.

„Тие дејствија се неодговорни и опасни“, додава тој.

Руте, исто така, рече дека Русија „тесно соработува“ со Кина, Северна Кореја и Иран „за да ги наруши нашите општества и да ги урне глобалните правила“ и се „подготвува за долгорочна конфронтација“.

Руте, исто така, изјави дека земјите-членки на НАТО „ги зголемуваат своите инвестиции во одбраната, но сите ние мора да го носиме својот дел од товарот“.

Тој додава дека на Украина „ѝ е потребна нашата поддршка повеќе од кога било“ како што се приближува зимата и руските напади продолжуваат.

Би-Би-Си наведува дека се очекува на состанокот на тркалезната маса на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО да бидат разгледани тековните мировни преговори, како и прашањата поврзани со одбраната.

Агенцијата Ројтерс објави дека Руте денес изјавил дека е добро што се водат мировни преговори за завршување на војната во Украина, но дека е потребно да се обезбеди Украина да биде во најсилна можна позиција.

Петчасовните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп, кои се одржаа вчера во Москва, се чини дека не доведоа до пробив во постигнувањето мировен договор за Украина.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП