„Exxon Mobil Corp.“ објави финансиски резултати кои ги надминаа пазарните очекувања, поддржани од започнување на нови проекти на нафтени полиња, пренесе „Bloomberg“.
Прилагодената заработка по акција на „Exxon“ за третиот квартал била за седум центи повисока од проценките на аналитичарите. Ова е шесто последователно квартално зголемување, засилено со започнувањето на развојот на ново нафтено поле во Гвајана.
Двете најголеми нафтени компании во САД моментално следат различни стратегии, додека глобалните пазари на нафта се соочуваат со очекувана прекумерна понуда. Додека „Exxon“ инвестира во голем број експанзивни проекти и покрај падот на цените на суровата нафта, „Chevron“ се фокусира на генерирање парични текови од постојните операции за да го амортизира падот на цените.
Во рамките на „Exxon“, осум од десетте нови проекти планирани за оваа година веќе се започнати, а останатите два се развиваат „според распоред“, изјавил извршниот директор Дарен Вудс, цитиран од „Bloomberg“.
Вудс се потпира на ниското ниво на задолженост на „Exxon“, што ѝ овозможува на компанијата да финансира проекти за раст — од нафтени операции во Бразил до хемиски постројки во Кина — додека истовремено одржува годишна програма за откуп на акции вредна 20 милијарди долари, и покрај ниските цени на нафтата. Според аналитичарите, „Exxon“ се надева да го искористи потенцијалниот пораст на цените на енергенсите, кој би можел да се случи веќе следната година.
Профитот на „Exxon“ во третиот квартал значително пораснал по стартувањето на „Yellowtail“, проект со капацитет од 250.000 барели дневно во Гвајана.
Компанијата инвестирала 2,4 милијарди долари во кварталот во „аквизиции за раст“, меѓу кои и неколку купувања во Пермскиот басен, каде што производството достигнало рекордни 1,7 милиони барели дневно. Слободниот паричен тек достигнал 6,3 милијарди долари.
По години обиди да го запре опаѓањето на производството, „Exxon“ повторно го зголемува обемот на фосилни горива. Аналитичарите предвидуваат раст од околу 5% во производството на нафта и природен гас следната година, при што значителен дел од тој раст се очекува да дојде од Гвајана.
Плановите на компанијата вклучуваат изградба на уште три пловечки платформи во земјата до 2029-та година, со што производствениот капацитет би достигнал речиси 1,5 милиони барели дневно — ниво што одговара на тековното производство на Нигерија, членка на ОПЕК. Производството на Гвајана во третиот квартал веќе надмина 700.000 барели дневно.
„Exxon“ исто така смета на проширување на производството во американскиот Пермски басен, откако конкуренцијата постепено се повлекува од регионот, и на нови инвестиции во рафинирање во Сингапур, Ротердам и Велика Британија. Дополнително, компанијата неодамна склучи договори за истражување со Ирак и со Тринидад и Тобаго.
Во меѓувреме, „Chevron“ ги надмина пазарните очекувања благодарение на аквизицијата на „Hess Corp.“, што значително влијаеше врз извештајот на групацијата. Прилагодената добивка на „Chevron“ за третиот квартал изнесувала 1,85 долари по акција, надминувајќи ја прогнозата од 1,66 долари по акција. Сепак, нето добивката се намалила за 20% и изнесувала 3,6 милијарди долари.



