ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД се подготвуваат за рекордна празнична сезона и покрај инфлацијата

САД се подготвуваат за рекордна празнична сезона и покрај инфлацијата

Се очекува Американците да потрошат рекордни суми за време на празничната сезона, и покрај постојаните загрижености за инфлацијата, царините и ефектите од затворањето на владата во најголемата економија во светот.

„Потрошувачите остануваат доста загрижени за инфлацијата и секако за тоа каде одат цените“, изјави Марк Метјуз, главен економист во Националната федерација за малопродажба (NRF), за новинарите.

Според него, последниот пат кога довербата на потрошувачите беше толку ниска, надвор од постпандемискиот период, беше на почетокот на 1980-тите. Тој додаде дека „во последните години видовме луѓе како трошат без оглед на тоа како се чувствуваат“.

Федерацијата предвидува дека празничната продажба во периодот од 1-ви ноември до 31-ви декември ќе надмине 1 трилион долари за прв пат, забележувајќи раст помеѓу 3,7% и 4,2% во споредба со минатата година.

Рекордното 43-дневно затворање на федералната влада, кое остави стотици илјади вработени без плата, ја намали побарувачката и приходите во приватниот сектор, но се очекува ситуацијата брзо да се промени. Сеопфатните царини на претседателот Доналд Трамп би можеле да влијаат на побарувачката за некои производи, иако експертите велат дека конкуренцијата ќе го ограничи влијанието врз буџетите на потрошувачите.

„Гледаме намерен и агресивен пристап за избегнување на пренесување на зголемените трошоци на клиентите“, рече претседателот на „NRF“, Мет Ши.

Конкуренцијата, особено во онлајн трговијата, треба да спречи нагло зголемување на цените.

„За купувачите, прифатливите цени и бесплатната достава остануваат клучни“, рече Вивек Пандја, аналитичар во „Adobe Digital Insights“.

Според „Adobe Analytics“, онлајн продажбата ќе порасне на 253,4 милијарди долари, што е зголемување од 5,3 проценти во однос на истиот период од претходната година. Се очекува Американците да трошат 5 милијарди долари дневно помеѓу Црниот петок и крајот на „Cyber ​​Week“.

Пандија го нарече зголемувањето од 5,3 проценти „прилично добро“, со оглед на економската неизвесност, истакнувајќи дека продажбата веќе се зголемила во октомври, за време на големите распродажби на „Amazon“. Црниот петок, традиционалниот почеток на празничното купување, проследен со „Cyber ​​Monday“, кога доминираат електрониката и технолошките производи, останува клучен.

Според Стефани Гичард, виш економист во Конференцискиот одбор, Американците остануваат „претпазливи“ и веројатно ќе пристапат кон купувањето подароци со одредена „умереност“ по години инфлаторни притисоци. Анкетата на организацијата покажува дека просечниот Американец ќе потроши 990 долари за празнични купувања оваа година, што е пад од 6,9 проценти во однос на 2024-та година. Прилагодени за инфлацијата, износите остануваат далеку под нивоата пред пандемијата.

„Потрошувачите укажуваат дека се движат кон основни подароци, а не кон работи што едноставно им се допаѓаат“, рече Гичард.

Сè повеќе луѓе се свртуваат и кон шемите „купи сега, плати подоцна“, распределувајќи ги трошоците во текот на неколку месеци.

Оваа година, четботовите со вештачка интелигенција (ВИ) како што се „ChatGPT“ и „Gemini“ се појавија како алатка за пронаоѓање на вистинскиот подарок или најдобрата зделка. Во октомври, сообраќајот до американските страници за купување од извори поврзани со генеративна ВИ скокна за 1.200% на годишно ниво, а тие корисници имаа 16% поголема веројатност да извршат купување, според „Adobe“.

„Ова покажува дека преку алатките за вештачка интелигенција, купувачите стануваат поинформирани и насочени кон најсоодветните трговци за нивните потреби“, соопшти компанијата.

Друг тренд што добива на интензитет е „социјалната трговија“ – продажба на производи директно преку социјалните мрежи, често преку објави од инфлуенсери.

„Социјалната трговија е огромна оваа година“, рече Пандија, истакнувајќи дека луѓето поминуваат многу време на своите телефонски апликации, а инфлуенсерите обезбедуваат силни кодови за попуст и дополнителни поволности.

А кои ќе бидат најпосакуваните подароци за 2025-та година? Експертите посочуваат на новата конзола „Nintendo Switch 2“, најновите модели „iPhone 17“ на „Apple“, како и домашните апарати и опремата за поправка, бидејќи економската неизвесност ги тера Американците да се селат поретко.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП