„Huawei“ штотуку ја претстави серијата „Mate 80“ во Кина, а најмоќниот модел, „Mate 80 Pro Max“, веднаш привлече внимание благодарение на своите 8.000 нити максимална осветленост.
Новите телефони се придружени од преклопливиот „Mate X7“, кој носи IP59 заштита од прашина. „Huawei“ претстави четири модели на „Mate 80“, но „Pro Max“ е секако најинтересен.
Неговиот 6,9-инчен двоен OLED екран е деклариран на неверојатни 8.000 нити – повеќе од 7.000 нити што „Realme“ ги истакнува за својот „GT 8 Pro“ и далеку над 3.300 нити на „Google Pixel 10 Pro“.
Секако, треба да се има предвид дека овие вредности се однесуваат на екстремни сценарија, кога само мал дел од екранот ја достигнува наведената осветленост, па затоа не се мерка за секојдневна употреба, објавува порталот „Verge“.
Сепак, јасно е дека панелот ќе биде посветол од повеќето, што е особено важно при силна сончева светлина, а „Huawei“ тврди дека контрастот е исто така исклучително висок.
Сите модели на „Mate 80“ преминуваат на рамни екрани и поостри рабови, продолжувајќи го трендот на напуштање на закривените панели кои претходно беа доминантни.
Дизајнот е визуелно впечатлив – на задната страна има голем кружен елемент кој ја нагласува позицијата на безжичната намотка за полнење и, заедно со кружниот модул на камерата, формира стилизирана бројка осум.
Серијата се напојува со чиповите Kirin на Huawei, а конфигурациите одат до 20 GB RAM меморија во најскапиот модел, „Mate 80 RS Ultimate Design“. Во суштина, тоа е истиот уред како „Pro Max“, но со полуксузен финиш и повисока цена.
Интересно е што „Huawei“ не влезе во трката за гигантски батерии како неговите домашни конкуренти – „Pro Max“ има максимален капацитет од 6.000 mAh, што е доста скромно според денешните стандарди. Сепак, камерите остануваат главен адут: врвниот модел има две перископски телефото камери, како и поддршка за надворешен телефото приклучок, тренд кој станува сè попопуларен.



