Првото полугодие сѐ уште не завршило, а во ученичките групи на Вибер веќе се вртат понуди, ценовници и прашалници – кој ресторан е слободен, кој фотограф е достапен, кој бенд колку чини за големата матурска вечер напролет.
И додека родителите се обидуваат да ја избалансираат сметката, најголемиот шок доаѓа токму од музикантите: цената за неколку часа свирка на матурска вечер стигнала до над 2.000 евра.
Матурантка од средното Медицинско училиште во Скопје за „Денар“ раскажува дека контактирале неколку музички групи, а одговорите биле речиси идентични – 2.200 евра за вечер што едвај трае до полноќ.
И кога ќе се собере и одземе, секое дете треба да плати по околу 2.000 денари само за музичката програма, пред воопшто да дојде ред на облеката, фризурата, фотографиите, ресторанот…
„Пративме пораки до неколку бендови, чисто да видиме колку би нѐ чинело“, раскажува една матурантка од средното Медицинско училиште во Скопје. „Одговорите беа исти – 2.200 евра. За неколку часа.“ И толку, без објаснување, без преговарање, без класичното ‘ќе се договориме’. Кога ќе се подели сумата, испаѓа дека секое дете треба да одвои околу 2.000 денари само за музичката програма, пред воопшто да се дојде до фустан, одело, шминка, фризура, превоз, професионални фотографии…“, раскажува 18-годишната Марија.
Експерти што ја следат оваа област велат дека се случува класичен пазарен феномен: побарувачката расте, а понудата едноставно го користи моментот.
„Матурските вечери стануваат мини-свадби“, коментира еден познавач на естрадната сцена.
Според него, бендовите одамна ја виделе шансата – родителите сакаат децата да имаат убаво доживување, а училиштата веќе не организираат масовни прослави како порано, па целиот товар пада врз класовите и родителските совети.
„Кога ќе се создаде таков вакуум, логично е цените да одат нагоре… можеби и повеќе од логично“.
Родителите, пак, имаат поделени мислења. Некои веднаш пресметуваат: ако во генерација има 100 ученици, тоа и не е така страшно поединечно. Други, пак, велат дека ваквите износи се претерани и дека матурската вечер одамна ја изгубила смислата, претворајќи се во настан во кој учениците натпреварувачки „не смеат да останат пократки од другите“.
Иронијата е што неретко токму музиката, нешто што е таму само да ја придвижи атмосферата, излегува најскапиот дел од целата сметка.
Аналитичарите предупредуваат дека тенденцијата ќе продолжи, затоа што сѐ повеќе генерации ги прават своите матурски забави по ресторани и клубови, наместо во училишта или јавни сали.
„Пазарот сам се регулира, но прашање е до каде ќе оди ова“, вели еден економски познавач.
Според него, можно е набрзо да се појават и алтернативи – диџеи, школски бендови, комбинирани програми – зашто родителите нема бескрајно да прифаќаат високи суми без приговор.
Меѓутоа, матурантите, како и секоја генерација пред нив, најмалку размислуваат за економијата.
Тие сега се во фазата во која планираат фустани, сакоа, теми за песни што ќе ги пуштат „за прва“, и кој ќе дојде со кој автомобил.
Музиката, иако најскапа, е само еден дел од мозаикот што го нарекуваат „последна школска ноќ“.
Б.З.М.



