Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) – Финансиската иднина на ЈИЕ: финансирање на растот и иновациите, во организација на Народната банка на Австрија, којашто се одржува во Виена, истакна дека финтек-иновациите значително го олеснуваат пристапот до финансии за граѓаните и за малите и средните претпријатија, ја намалуваат цената на трансакциите и поттикнуваат развој на нови дигитални услуги.
Народната банка веќе создаде платформа за поддршка на финтек-инвестициите, Портата за иновации и Работна група за финтек, како и Стратегија за периодот 2023 – 2027 година, со цел да овозможи поддршка за иновативните компании и компаниите во зародиш (стартап). Законот за платежни услуги и платни системи е усогласен со рамката на ЕУ, овозможувајќи поефикасни и поевтини плаќања и лиценцирање на пет платежни институции и три даватели на електронски пари досега.

