Глобалниот пазар на криптовалути забележа остар пад, со изразено бегство на инвеститорите од ризични форми на средства. Најголемите криптовалути – биткоинот и етерот – паднаа на повеќемесечни најниски нивоа, бидејќи расте загриженоста поради преценувањето на технолошките акции и намалувањето на очекувањата дека американскиот ФЕД наскоро ќе ја олесни монетарната политика.
Биткоинот падна за 2,1 процент на помалку од 86.000 долари, а во еден момент достигна 85.351 долари во азиското тргување, што е на најниско ниво во последните седум месеци. Етерот се лизна за повеќе од 2 проценти на 2.777 долари, што е на најниско ниво во четири месеци.
Двете криптовалути се движат кон неделен пад од околу 8 проценти, потврдувајќи го падот на апетитот на инвеститорите за ризик. Крипто средствата често се сметаат за барометар за расположението на финансиските пазари, а овој ненадеен пресврт дополнително ја истакнува кревкоста на пазарот.
Во исто време, акциите на најголемите технолошки компании исто така паднаа – Nvidia го заврши денот со загуба од 3,2 проценти, додека поширокиот индекс на полупроводничкиот сектор потона за 4,8 проценти. Сите три клучни американски индекси – Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq – завршија претходниот ден во минус.
„Ако ова е приказна за пошироко расположение и апетит за ризик, работите би можеле да станат многу непријатни – и тоа е голема причина за загриженост“, рече Тони Сикамор, аналитичар на платформата IG.
Според CoinGeck, во текот на последните шест недели глобалната пазарна капитализација на криптовалутите се намали за дури 1.200 милијарди долари. ETF-ите за биткоин котирани на берзата во Хонг Конг паднаа за речиси 7 проценти.
Падот на биткоинот доаѓа остро, по исклучително силниот годишен раст што го однесе на рекордно високо ниво од над 120.000 долари во октомври, поттикнат од поволните регулаторни промени. Сепак, пазарот останува чувствителен по бруталниот пад од минатиот месец, кога повеќе од 19 милијарди долари позиции беа ликвидирани поради паника и ниска ликвидност.
Биткоинот сега ги избриша сите добивки од 2025 година и се тргува за околу 8 проценти пониско отколку на крајот на 2024 година, додека етерот е во пад за дури 16 проценти. Големиот пад ги погоди и компаниите што поседуваат крипто средства – акциите на компанијата „Strategy“ паднаа за 11 проценти на неделна основа, додека јапонската „Metaplanet“ изгуби околу 80 проценти од својата вредност од летниот врв.
Аналитичарите на „CryptoQuanta“ предупредуваат дека пазарот е „најпесимистичкиот од почетокот на овој циклус во 2023 година“ и дека „поголемиот дел од бранот на побарувачка веројатно е зад нас сега“.



