Одлуката на Советот на Град Скопје со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите од 22:00 до 6:00 часот веќе предизвика различни реакции кај граѓаните.
Некои велат дека мерката има смисла и дека конечно ќе се воведе ред, додека други сметаат дека градот само додава уште едно правило што тешко ќе се спроведе во пракса.
„Ако некој работи втора смена и се враќа после полноќ, што да прави со кесата? Да ја чува дома до сабајле?“, коментираат жители од неколку скопски населби.
Градските служби објаснуваат дека идејата не е казнување, туку создавање услови „Комунална хигиена“ поефикасно да го организира собирањето на отпадот, без да се случува камионите веднаш по празнењето да најдат нови полни контејнери.
Првите неколку месеци, уверуваат од градот, ќе се применуваат само опомени, без парични казни. Но, казната од 50 евра потоа ќе биде реалност за секој што ќе биде фатен како ја крши забраната.
Познавачите на урбаната политика велат дека мерката можеби е добронамерна, но прашање е дали воопшто ќе може да се контролира.
„Скопје нема доволно инспектори за да ги покрие сите општини. Во вакви ситуации, законот останува само на хартија“, вели еден од нив, додавајќи дека градот прво треба да реши посуштински проблеми како редовноста во собирањето на отпадот, состојбата со јавните контејнери и недостигот од осветлување околу нив.
Од друга страна, постои и аргументот дека забраната ќе помогне да се намали ноќниот метеж и непријатната појава на расфрлан отпад во утринските часови.
Некои жители велат дека навистина е непријатно кога ќе се разбудат и ќе видат дека контејнерите пред зградите се преполни уште во 7 часот наутро.
„Ако ова значи почисти улици и помалку смрдеа, нека пробаат“, велат дел од нив.
Социологот Љубица Маџовска смета дека самото казнување, без претходно развиена свест и култура за одржување на јавниот ред, ретко носи долгорочен ефект.
„Казните можат да имаат краткорочен дисциплинирачки ефект, но ако луѓето ја доживуваат мерката како апсурдна или неправедна, ќе бараат начини да ја заобиколат. За да има вистинска промена, потребно е објаснување, едукација и чувство дека сите сме дел од тој систем, не само објект на контрола“, вели Маџовска.
Експертите за урбана хигиена додаваат дека клучот не е само во забраните, туку во навиките.
„Луѓето мора да разберат дека секое фрлање на смет во погрешен момент значи дополнителна работа за екипите што ноќе чистат.
Но, тоа мора да оди паралелно со добра организација, кога знаеш точно кога доаѓа камионот, кога се празни, тогаш има логика и да постои распоред“, велат тие.
Додека институциите најавуваат дека ќе спроведат информативна кампања за да им го објаснат на граѓаните новиот режим, скопјани остануваат поделени.
Некои со резерва, други со надеж дека конечно ќе се воведе малку ред во градот што одамна го загуби чувството за чистота.
Б.З.М.



