ПочетнаЕКОНОМИЈАКредитниот рејтинг на Грција зголемен со позитивна перспектива

Кредитниот рејтинг на Грција зголемен со позитивна перспектива

Грчката економија бележи просечен раст од околу два проценти од 2023 година, што е над просекот во Еврозоната.

Американската агенција Фич го зголеми кредитниот рејтинг на Грција за една оценка, од БББ- на БББ, со позитивна перспектива, а по оваа одлука, само Мудис меѓу главните агенции за кредитен рејтинг сè уште ја држи Грција на најниското ниво на инвестициски рејтинг.

Според објаснувањето на Фич, подобрувањето е резултат на стабилно намалување на јавниот долг, силни фискални перформанси, ниски финансиски ризици и одржлив економски раст, објавува денес грчкиот „Катимерини“.

Фич, исто така, проценува дека учеството на јавниот долг во државниот буџет ќе падне на 145 проценти од бруто домашниот производ (БДП) во 2025 година, по дополнително намалување од девет процентни поени, додека до 2030 година би можел да се приближи до нивото од 120 проценти. Агенцијата очекува дека Грција ќе постигне приближно еден процент од буџетскиот суфицит оваа година, со примарен суфицит од 4,8 проценти.

Фич проценува дека буџетот ќе остане во суфицит и во 2026 година, и покрај најавените даночни олеснувања, вклучувајќи намалување на данокот на доход и дополнителна поддршка за станарите, пензионерите и вработените во одбраната.

Грчката економија бележи просечен раст од околу два проценти од 2023 година, што, како што истакнува грчкиот весник, е над просекот на еврозоната.

Сепак, агенцијата наведува и слабости, пред сè постојано високиот тековен дефицит.

Министерството за финансии на Грција соопшти дека најновата проценка ја потврдува „историски силната фискална консолидација“ и напредокот на економијата, со проценка дека Грција прави „најголем чекор напред во намалувањето на јавниот долг меѓу земјите со инвестициски рејтинг“.

Министерот за финансии Киријакос Пјеракакис изјави дека „Грција го менува нивото“, нагласувајќи дека подобрувањето на рејтингот носи придобивки за секој граѓанин на Грција преку пониски трошоци за задолжување на државата, поголема ликвидност на економијата и поповолни услови за инвеститорите.

„Додека ги намалуваме даноците и ги поддржуваме домаќинствата и бизнисите, истовремено го зајакнуваме економскиот кредибилитет на земјата“, заклучи Пјеракакис.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП