Макроекономската слика за домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви,посочи гувернерот д-р Трајко Славески, кој ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа амбасадори, претставници на дипломатскиот кор и меѓународните институции.
Во презентацијата беше наведено дека инфлацијата за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, односно ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени. Во рамките на есенскиот циклус проекции, согласно подоброто остварување во првата половина на годината, се предвидува забрзување на растот на економијата од 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7% на среден рок, поддржан од натамошното проширување на депозитната база, при стабилен банкарски систем.

