Термин за кучешка фризура речиси не се наоѓа. Телефоните на фризерниците за миленичиња постојано ѕвонат, а листите за закажување се исполнети со недели однапред.
Особено викендите се резервирани, па многу сопственици на кучиња велат дека морале да чекаат и по десетина дена за едноставно шишање или бањање.
Цената за третман не е мала – шишањето на средно големо куче чини околу 1.800 денари, а за поголеми раси цената оди и над 2.000.
„Сè поскапе – шампоните, водата, струјата. Ние не можеме да работиме со загуба“, објаснува една фризерка за миленичиња.
Иако сумите не се занемарливи, сопствениците не се откажуваат. Особено тие што имаат долговлакнести раси како шпицеви, пудли, кокери.
Велат дека можат и дома да ги потстрижат своите миленичиња, но резултатот никогаш не е ист.
„Фризерницата не е само шишање. Кучето се бања, се расчешлува, му се средуваат шепите, се суши со фен. Тоа е вистински спа третман“, додава една сопственичка.
Познавачите велат дека интересот е сосема логичен. Бројот на миленичиња во градовите нагло пораснал, а со тоа и потребата за редовна нега.
„Кучињата се третираат како членови на семејството. Луѓето сакаат нивниот миленик да изгледа убаво, чисто и негувано“, објаснуваат експертите.
Некои фризерници веќе нудат и дополнителни услуги како масажа, мирисни бањи, балзами и парфемски спреј по шишањето. Во одредени салони дури има и „ароматерапија“ за смирување на вознемирените кучиња.
Иронијата е што некогаш луѓето тешко закажуваа термин кај фризер, а денес кучето е тоа за кое се чека.
Фризерите за миленичиња велат дека ова не е само тренд, туку вистинска професија која бара трпение и љубов.
„Не можеш да му кажеш на кучето да седи мирно, ќе завршиме брзо. Секоја сесија е различна. Затоа и цената ја следи тежината на работата“, велат тие.
А кога ќе ги видиш по улица, чисти, миризливи и со машнички на вратот, тешко е да не се насмееш. Дури и ако знаеш дека тоа задоволство чинело речиси колку половина сметка за струја.
Б.З.М.



