ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто челикот е толку важен за германската економија?

Зошто челикот е толку важен за германската економија?

Германската челична индустрија е во превирања и се соочува со тешка и сложена ситуација. Челикот се користи во повеќе од 75% од сите производи, од кујнски столчиња и автомобили до мостови и ветерни турбини. Сепак, ова не значи автоматски високо ниво на продажба за производителите во Германија, пишува германскиот весник „Tagesschau“.

Ова е затоа што на глобалниот пазар има преголема понуда на челик. Овој производ е исто така доста евтин, главно затоа што земји како Кина го субвенционираат.

Оваа ситуација е влошена од трговскиот конфликт меѓу САД и Кина. Бидејќи азиската земја повеќе не може да го продава својот евтин челик на САД, таа го преплавува европскиот пазар. И иако Германија е убедливо производител на челик број еден во Европа, 37-те милиони тони произведени минатата година претставуваат помалку од 4% од количината со која Кина го преплави глобалниот пазар.

На големите германски производители на челик, како што се „ThyssenKrupp“ или „Salzgitter“, им станува сè потешко да бидат во чекор со трендовите бидејќи се соочуваат со бројни регионални неповолности. Тие вклучуваат високи трошоци за електрична енергија и работна сила, вели експертот Дирк Нимаер од „PwC“.

„Затоа е многу тешко да се конкурира на пазарот само по цена“, истакнува тој.

Производството на челик всушност бара исклучително голема количина енергија и произведува голема количина јаглерод диоксид. Поради оваа причина, се смета за загадувачка индустрија.

Под притисок од политичарите и Европската Унија (ЕУ), производителите на челик во Германија направија огромни инвестиции во транзицијата кон таканаречен „зелен“ челик. Ова претставува дополнителен товар за компаниите. Досега, овие инвестиции не се исплатија. Потребни се огромни количини на „зелен“ водород, кој е многу скап и не е достапен во доволни количини во Германија. Како резултат на тоа, најголемиот производител на челик во светот, европско-индиската компанија „ArcelorMittal“, ги одложи плановите за своите германски фабрики во Бремен и Ајзенхутенштат ова лето.

Ако германската челична индустрија сака да преживее, ѝ е потребна огромна поддршка: пониски трошоци за енергија, подобри услови за производство и помалку регулативи, велат аналитичарите. Тие, исто така, го гледаат преминот кон „зелен“ челик како можност, но на индустријата ѝ е потребна помош поради високите трошоци.

Нова студија финансирана од Фондацијата „Ханс Беклер“, која е поврзана со синдикатите, предупредува на катастрофалните последици од пад или дури и крај на германската челична индустрија. Во најлош случај, ова би можело да доведе до макроекономска штета до 50 милијарди евра за германската економија.

„Ова одговара на 1,2 проценти од нејзиниот бруто домашен производ“, вели експертот Патрик Качмарчик.

Пандемијата на коронавирус и трговскиот спор со Соединетите Американски Држави ги покажуваат огромните економски проблеми што се јавуваат кога една земја е премногу зависна од странскиот увоз.

Челикот е исто така клучен материјал за одбранбената индустрија. Со оглед на напнатата безбедносна ситуација во Европа, многу аналитичари веруваат дека падот на оваа индустрија не доаѓа предвид.

Картен Брзески, главен економист во „ING Diba“, се согласува.

„Во време кога концептот на стратешка автономија конечно се обликува, зачувувањето на оваа клучна индустрија е особено важно за Германија и Европа“, истакнува тој.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП