ПочетнаЕКОНОМИЈАРекорден раст на Ирска во земјоделството, Франција со најголем пад

Рекорден раст на Ирска во земјоделството, Франција со најголем пад

Ирска ја предводи листата на земји од Европската унија со најголем раст на вредноста на земјоделското производство во 2024-та година, со зголемување од 8,9% во однос на претходната година, покажуваат најновите податоци на Евростат. Веднаш зад неа се наоѓа Хрватска со раст од 8,8%, а трета е Шведска со 5%.

На спротивниот крај на листата се наоѓа Франција, која бележи најголем пад на вредноста – намалување од 9%, по неа следи Романија со 8,5%, додека Бугарија е на третото место со пад од 8%.

Во 15 земји-членки на ЕУ, вредноста на земјоделското производство во 2024-та година била поголема во споредба со претходната, што укажува на умерено закрепнување по нестабилниот период во 2023-та година.

Според податоците на Евростат, вкупната вредност на земјоделското производство во Европската унија во 2024-та година достигнала 531,9 милијарди евра, што претставува намалување од 0,9% во споредба со 2023-та година кога изнесуваше 536,7 милијарди евра.

Графикон: Евростат

Ова е втора година по ред во која се забележува благ пад на вкупната вредност, по врвот достигнат во 2022-ра година. Намалувањето главно се должи на падот на номиналните цени на земјоделските производи за 1,8%, и покрај тоа што обемот на производство пораснал за 1%.

Половина од вредноста на земјоделското производство во ЕУ (50,3%) потекнува од земјоделски култури – 267,7 милијарди евра, што е намалување од 3,1% во однос на 2023 година. Од друга страна, животинското производство учествува со 41,1% или 218,8 милијарди евра и бележи раст од 1,9%. Преостанатите 8,5% доаѓаат од земјоделски услуги и секундарни активности, вредни 45,4 милијарди евра, со мал пад од 0,6%.

Истовремено, расходите за земјоделско производство во Европската унија се намалиле за 3,7%, достигнувајќи 303,3 милијарди евра, што резултирало со зголемување на бруто додадената вредност во земјоделството за 3,1%, односно на 228,6 милијарди евра.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП