Шведскиот производител на автомобили не е гигант во продажба, но директорката за одржливост, Ванеса Бутани, сака да стане лидер во циркуларното работење, со агресивна повторна употреба на метали, батерии и други материјали и климатски неутрални погони за склопување автомобили.
Волво Карс не е автомобилски гигант – минатата година испорача помалку од 800.000 возила – но кога станува збор за одржливост, неговите цели се многу повисоки.
Заедно со електрификацијата на целиот свој асортиман, Волво ги претвора своите фабрики во јаглеродно неутрални и планира да ја преполови потрошувачката на вода. До крајот на деценијата, производителот на автомобили со седиште во Гетеборг, Шведска, сака 35 проценти од материјалите што се користат за производство на возила да се рециклираат – што е водечка цел во индустријата.
Крајната амбиција е да стане целосно циркуларен бизнис до 2040 година. „Тука гледаме дека можеме да направиме разлика“, рече директорката за одржливост, Ванеса Бутани, која неодамна беше вклучена на листата на лидери за одржливост на Форбс. „Можеби сме мали, но со амбицијата што ја имаме, наследството што го носиме и знаењето дека нашите клиенти и засегнати страни го очекуваат тоа од нас – сакаме да бидеме лидери.“
Американската автомобилска индустрија моментално е во превирања, бидејќи администрацијата на Доналд Трамп се обидува драстично да го забави преминот кон електрични возила, да ги олабави регулативите за емисии и заштита на животната средина и да ја промовира идејата дека климатските промени не се толку загрижувачки како што им е кажано на Американците.
Но, таков став ја игнорира силната глобална трка меѓу производителите на автомобили, особено во Азија и Европа, да им покажат на потрошувачите колку сериозно се однесуваат кон намалувањето на емисиите на јаглерод и преминувањето кон електрични возила. Иако е помала од многу од своите конкуренти, Волво брзо работи на темелна трансформација на својот бизнис.
Компанијата, основана пред речиси еден век, не е иста како поранешната матична компанија AB Volvo, која произведува камиони. Од 2010 година, Волво Карс е примарен европски бренд за автомобили во сопственост на кинеската групација Geely Holdings, која ја купи од Форд. Во своите фабрики, исто така, произведува високо-перформансни електрични модели за партнерскиот бренд Polestar, кој исто така е во сопственост на Geely. И двата бренда неодамна потпишаа писмо до Европската Унија во кое ја повикуваат да не се откажува од целта сите возила да бидат електрични до 2035 година.
Фабриките во Шведска веќе се јаглеродно неутрални
Уште од 2021 година, Волво ги направи фабриките во Шведска и Кина јаглеродно неутрални, користејќи биогас како главен извор на енергија. Тие исто така објавија дека новата фабрика во Словачка, која ќе биде отворена следната година, ќе користи само енергија што не создава дополнителни емисии. Компанијата го применува и таканареченото „мегалеење“, процес на производство во кој 100 помали делови се заменуваат со еден голем алуминиумски дел, што ги намалува емисиите во постројките.
Нивната цел за рециклирање е можеби најамбициозна. Волво соработува со шведскиот производител на челик SSAB за да користи рециклиран челик, но градењето автомобил со поголем процент на рециклирани материјали е посложено отколку во минатото, кога автомобилите главно се правеа од челик, алуминиум, стакло и гума – пред да станат полни со пластика, сложена електроника и литиум-јонски батерии.
Напредокот е видлив, особено со новиот премиум електричен модел ES90, но сè уште има многу работа што треба да се направи за да се достигне целта од 35 проценти, рече Бутани. „Во ES90, користиме до 29 проценти рециклиран алуминиум, 18 проценти рециклиран челик и 16 проценти рециклирани полимери и био-базирани материјали. Напредуваме добро, но е тешко“, истакна таа. „Сфативме дека е тешко кога батериите се вклучени во сè, бидејќи тоа ги прави работите уште покомплицирани.“
Причината е што снабдувањето со рециклирани материјали за батерии, особено литиум, е сè уште ограничено, иако расте. Затоа, литиум-јонските батерии сè уште се многу зависни од глобалното снабдување со суровини, од кои повеќето се преработуваат и рафинираат во Кина, зголемувајќи го јаглеродниот отпечаток од производството на електрични возила. Сепак, Volvo постигна напредок во изработката на таканаречените „пасоши за батерии“ за електрични модели, кои ги наведуваат материјалите што се користат во батериите, нивното потекло и методот на производство – две години пред тоа да стане задолжително според новиот закон на ЕУ.
„Се обидуваме да бидеме што е можно потранспарентни“, рече Бутани.
Засега, акцентот е ставен на plug-in хибридите
За разлика од Кина, каде што електричните и plug-in хибридните возила учествуваа со 56 проценти во продажбата на нови автомобили минатиот месец, промените во политиката на САД веројатно ќе ја забават продажбата на електричните модели на Volvo во САД – иако тоа нема да ги намали амбициите на компанијата. Во меѓувреме, рече Бутани, акцентот ќе биде повеќе на plug-in хибридите отколку на целосно електричните возила.
„Ќе продолжиме да инвестираме и да воведуваме иновации во Соединетите Американски Држави и да ја нудиме нашата технологија за електрификација, но исто така работиме и со нашата преодна технологија, со plug-in хибриди“, рече таа. „Електричното возило е подобар производ. Можеби ќе потрае, но ние остануваме посветени да им покажеме на нашите клиенти дека е така. Откако ќе го сфатат тоа, ќе го обожаваат. Plug-in хибридите се одлична преодна опција.“



