30 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЕЛЕМ продолжува со активностите за изградба на систем за топлификација во Битола

ЕЛЕМ продолжува со активностите за изградба на систем за топлификација во Битола

elem1

АД „Електрани на Македонија“ почнува  со подготовка на проектната документација  потребна  за  изградба на системот  за  топлификација  во  Битола.

Вкупниот износ на инвестицијата во првата фаза е 66.650.000  евра.  Дел од тие средства, соопшти компанијата, би се обезбедиле од заем вреден  57.000.000 евра за што германската КFW Банка веќе изрази подготвеност за соработка, додека останатиот дел ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од тековното работење.

Фирмата  изведувач „Енергосистем“ од Скопје  до второто полугодие од 2014 година треба да изработи проект  за инфраструктура за транспортен вреловод и вреловодна дистрибутивна мрежа. Ќе бидат изработени  и основните проекти за изградба на транспортен вреловод, примарна и секундарна мрежа, локални  предавателни пумпно – топлински станици за населбите Новаци и Логоварди, како  и  локална примопредавателна пумпно-топлинска станица за потребите на земјоделските оранжерии.

До крајот на јуни наредната година ќе биде завршен и основниот проект за изградба на вреловодна станица  во РЕК „Битола“ со моќност од 200 мегавати топлинска енергија.

Во рамки на инвестицискиот зафат за топлификација на Битола,  веќе е изведена  реконструкција на турбините  на два термоблока во  РЕК „Битола“ , зафат  во вкупна вредност од 4 милиони евра.  Во текот на модернизацијата на РЕК Битола, во два термоблокови  целосно е овозможено регулираното одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи помеѓу цилиндрите за висок и низок притисок.  По изготвувањето на проектната документација, АД ЕЛЕМ ќе распише  меѓународен јавен повик за изведувач на изградбата на топлификационата мрежа  по чиј избор  ќе почнат и градежните работи на терен.

Со цел да се анализира оправданоста на изградбата на централен топлификационен систем во Битола и околината, изготвена  е техно-економска студија за избор и концепција на централен топлификационен систем базиран на топлинска енергија од РЕК „Битола“. Со студијата, изработена од  загрепскиот ЕКОНЕРГ- институт  за енергетика и заштита на животната средина, е конципиран централниот топлификационен систем и елементите кои влегуваат во неговиот состав.

Со воведувањето топлинската енергија за греење во дел од  Пелагонискиот регион,  значително ќе се намали потрошувачката на електрична енергија за греење и  ќе се зголеми сигурноста и доверливоста на дистрибутивната мрежа во Битола и околината. Значително ќе се намали и употребата на нафта и огревно дрво во домаќинствата, што дополнително ќе ја  редуцира емисијата на стакленички гасови.  Проектот  се очекува целосно да биде реализиран во наредните неколку години. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП