4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Претседателот на Стопанската комора на Србија Жељко Сертиќ изјави дека неликвидноста и инсолвентноста се најголем проблем на српското стопанство, кои мораат што поскоро да се решат. Сертиќ за ноемврискиот број на „Магазин Бизнис“ оцени дека неликвидноста на стопанството расте и претставува голем ризик за финансиската сигурност на деловните банки, бидејќи се заканува да го потопи целиот финансиски систем во државата. – Ако проблемите не се решат во кус рок, постои опасност вирусот кој се наоѓа во стопанскиот сектор да се прелие на банките, што на сите ќе ни донесе сериозни проблеми, вели Сертиќ.

Белград – Ланските инвестиции во Србија биле за 21,4 отсто поголеми во однос на 2011 година, соопшти српскиот Републички завод за статистика. Според резултатите од годишното истражување „Инвестиции во основните фондови“, гледано по региони, 44,3 отсто инвестиции во 2012 година биле во Белградскиот регион, 23,6 отсто во Војводина, 23,3 отсто во Шумадија и Западна Србија и 8,8 отсто во Јужна и Источна Србија. Гледано по дејности, најголеми инвестии имало во преработувачкиот индустриски сектор (34,6 отсто), по што следат трговијата (9,9 отсто) и секторот за снабдување со електрична енергија, гас и пареа (9,1 отсто).

Софија – Просечниот приход по глава на жител во Бугарија во третиот квартал од годинава порасна за 10,9 отсто на 621 евро, покажуваат официјалните статистички податоци. Просечните расходи истовремено пораснале за 10,8 отсто во споредба со истиот период лани на 572 евра пер капита. Платите на вработените чинат 52,9 отсто од вкупните приходи, а просечната плата во тој период изнесувала 328 евра, што е раст од 10,4 отсто во однос на истиот квартал во 2012 година.

Атина – Грција има имот вреден околу 300 милијарди евра, главно на островите, а во закуп ќе даде 70.000 недвижности. За 50 милиони евра може да се купи еден од најскапите острови понудени на продажба во Грција, но и во Европа, Омфори. Тој рај од 1.112 хектари е приватен ненаселен грчки остров сместен на Јонското море и е еден од стотиците острови кои моментално се продаваат во Грција.

Подгорица – Црногорската компанија „Домашна трговија“ ги презема објектите на „Макси“, „Мини Макси“ и „Темпо“  во Црна Гора. Како што е наведено во соопштението на „Домашна трговија“, деловниот однос со досегашниот сопственик на тие објекти, белгиската компанија „Делхајзе“, ќе продолжи низ франшиза за соработка, што ќе овозможи достапност на популарните стокови марки 365 и Премиа. „Домашна трговија“ како фирма која ги презема операциите на „Делхајзе“ во Црна Гора, станува нова членка на „Експо групата“, која идната година ќе вработи над 1.200 луѓе.

Париз – Компанијата „Ербас“ соопшти дека на авиосмотрата во Дубаи добила рекорден број од 160 нарачки на авиони во вредност од 44 милијарди долари. Најбарани модели биле А380 и А350. Во тој број влегуваат 142 порачки вредни 40,4 милијарди долари и 18 меморандуми за разбирање од 3,6 милијарди долари. Според вредноста се истакнува нарачката на компанијата „Емирејтс“ за 50 дополнителни џетови А380 во вредност од 20 милијарди долари.

Москва – Бројот на работно способните луѓе во Русија годишно се намалува за околу 700.000, а платите на вработените растат како резулатат се поголемиот недостиг на работна сила. Во септември реалните плати на вработените се зголемени за околу 8 отсто на годишно ниво. Таков раст на платите ја поттикнува потрошувачката, а со тоа и увозот. Инаку, Русија е земја во која постојат огромни разлики во платите.

Вашингтон – Вуртуелната валута биткоин, за која се тврди дека е сигурна и заштитена, всушност не е имуна на измами и криминал. Имено, во над 10 кражби веќе се украдени милиони биткоини. Кога секоја недела непознати криминалци во вашето соседство влегуваат во банка и крадат, нема сомнеж дека такви дела предизвикуваат внимание кај медиумите, меѓутоа кога се работи за кражби на виртуелната валута биткоин, тоа се уште не е вест. Без оглед на тоа што официјално се тврди дека биткоинот е сосема сигурен, досега се забележани многу кражби на оваа виртуелна монета, само за тоа не се пишува премногу.

Вашингтон – Шефот на американската Управа за федерални резерви (Фед), Бен Бернанки изјави дека зајакнувањето на стопанството на САД се уште е далеку од целите на Фед, додавајќи дека банката ќе ги задржи постоечките монетарни стимуланси. Не наговестувајќи кога Фед може да почне со намалување на програмата за откуп на обврзници во месечен износ од 85 милијарди долари, Бернанки порача дека банката ќе ја задржи постоечката монетарна политика се додека „тоа биде потребно“.

Вашингтон – Американските инвестициски фондови во последните четири месеци вложиле милијарди долари за зајакнување на европскиот банкарски систем. Тие веруваат дека зајакнувањето на економијата на еврозоната сега ќе добие замав, пишува лондонскиот финансиски весник „Фајненшел тајмс“. Инвеститорите се инспирирани од благото забрзување на растот на економијата во еврозоната во второто тримесечје. Тие тоа го сфаќаат како сигнал дека Европа почнува да излегува од најлошата рецесија по Големата депресија од 30-тите години од минатиот век.

Њујорк – Американската инвестициска банка „Морган Чејс“ ќе плати рекордни 13 милијарди долари за да го заврши судскиот спор против неа поради продажба на високоризични хипотекарни кредити пред избувнувањето на кризата на пазарот на недвижности во САД. Во рамки на вонсудскиот договор со федералните и државните власти, најголемата американска банка призна дека ги намалувала проценките за ризик за хипотекарните кредити и хартии од вредност кои ги продавала пред избивањето на светската финансиска криза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП