Извозот на германската воена индустрија минатата година е намален на 4,7 милијарди евра, што е пад за 13 проценти во однос на 2011 година, соопшти министерството за економија на Германија.
Нешто помалку од половина од вкупниот извоз на германската воена индустрија во вредност од 2,1 милијарда евра е остварен во ЕУ, а остатокот во износ од 2,6 милијарди евра во останатиот дел од светот, пренесува АФП.
Најголем трговски партнер на Германија, во поглед на пласманот на воената индустрија, е Саудиска Арабија која купила стока во 2012 година во вредност од 1,24 милијарди евра, а потоа следат САД со купена воена опрема во вредност од 596 милиони евра, па Алжир со опрема вредна 286 милиони евра.
Велика Британија е четвртиот најголем пазар на германската воена опрема со стока вредна 234,4 милиони евра, на петто место се наоѓа Канада со 208,9 милиони евра, а на шестото место се наоѓа Франција со 168,9 милиони евра.
Во соопштението на германското министерство за економија се наведува дека извозот на германската воена опрема во 2012 година е намален за 26 проценти на 946 милиони евра, под границата од милијарда евра што е прв пат во изминативе десет години.
Шведскиот истражувачки институт „Sipri“ ја стави Германија на третата позиција на најголем светски извознок на оружје во периодот од 2008-2012 година, со удел од седум проценти на светскиот пазар на оружје, зад САД со учество од 30 проценти и Русија со 26 проценти учество.