8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Со закон ќе се решат околу 300 стечајни постапки од минатото

Груевски: Со закон ќе се решат околу 300 стечајни постапки од минатото

malak

Владата на вчерашната седница го усвои законот со кој за помалку од една година треба да се решат застарените стечајни постапки.

Со овој специјален закон ќе бидат опфатени околу 300 стечаи.

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека со законот ќе бидат решени сите стечајни постапки опфатени со законите од 1989 до 2011 година.

– Околу 300 стечаи ќе бидат опфатени и според овој специјален закон тие би требало да се завршат за помалку од една година.

Целта е да се стави крај особено на оние по 15-20 години стечаи од минатото, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови наслови од проектот за предвод на 1.000 книги од кои се учи на врвните универзитети во светот.

Тој појасни дека станува збор за специјален и еднократен закон затоа што за одредена стечајна постапка која се случила во минатото важи законот од тоа време, а не сегашниот закон за стечај, кој е работен по примерот на Данска.

– Сега правиме специјален и еднократен закон којшто ги опфаќа само овие стечаи кои ќе ги реши за помалку од една година и ќе ставиме крај на тоа минато, затоа што сега имаме еден од најсовремените закони и во иднина оние фирми кои ќе одат во стечај, ќе го прават тоа по многу современ закон којшто е правен по пример на данскиот.

Очекуваме по најновиот закон стечаите да завршуваат не помалку од една година, нагласи Груевски.

Тој информира дека на вчерашната седница е усвоен и закон за вонсудско спогодување којшто треба да биде втора шанса пред одење во стечај.

– Да се направи обид за реогранизација на фирмата за таа да се спречи да оди во стечајна процедура, појасни Груевски.

Со законот за затворање на стечаите ќе се решат стечајните постапки во Типо, Маврово, делови од железара, МЗТ, Центро, Порцеланка,Кожарски комбинат Куманово, повеќе ЗИК комбинати, како и случајот Фиком, Самарија и други.

Двата закона во најскоро време ќе се најдат пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП