3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Будимпешта – Австриската Рајфајзен Интернационал банк би можела да се повлече од Унгарија. Оваа вест доаѓа откако покрај работењето на банката во Украина и Словенија, сега се анализира работата и на сестринската банка во таа земја. РБИ води разговори со потенцијални купивачи за украинската сестринска банка Авал банка, но и за банката во Унгарија ги проверува понудите.

Подгорица – Вредноста на минималната потрошувачка корпа во Црна Гора во октомври изнесуваше 800,1 евра, односно била помала за 0,1 отсто во однос на претходниот месец.

Москва – Економистите од американската банка Морган предвидуваат влошување на економската ситуација во Русија во текот на следните години, со постојан раст на увозот и слабеење на рубљата. Морган стенли предвидува веќе до крајот на 2016 година дека руската економија ја чека друга реалност, во вид на значајно намалување на суфицитот на тековниот баланс и се полоша положба на рубљата во однос на водечките странски валути.

Берн – Потрошувачката на пиво во Швајцарија за време на фискалната 2012-2013, заклучно со семптември годинава, опаднала за 0,9 отсто, соопшти швајцарската Асоцијација на пивари.

Белград – „Ер Србија“ нарача десет нови Ербас авиони „А320нео“, кои ќе станат дел од флотата на компанијата од 2018 до 2020, соопштено е во Дубаи. Цената на овие авиони надминува една милијарда, но сепак таа ќе биде пониска бидејќи авионите за Ер Србија се нарачани во рамките на поголема нарачка на партнерската компанија „Етихад“ од Абу Даби.

Техеран – Иранската национална компанија за гас (NIGC) со долг од 100 билиони ријали (четири милијарди долари) објави банкрот.

Рим – Италијанската авиокомпанија Алиталиа ќе отпушти 2.500 до 2.600 работници во рамките на планот за спасување на фирмата. Планот на отпуштање опфаќа пилоти, летачки екипаж, како и останати нелетачки служби, пренесува швајцарскиот весник „24 часа“.

Брисел – Европското здружение на произведувачи на автомобили соопшти дека продажбата на патнички автомобили во ЕУ во октомври се зголеми втор месец по ред. Тоа е првпат од септември 2011 година европската продаба на автомобили да се зголемува два месеци по ред, што се толкува дека најлошото на овој пазар поминува.

Атина – Од почетокот на годинава во Грција се уапсени повеќе од 2.200 лица поради неплатени долгови кон државата или други даночни кривични дела, соопшти министерот за јавен ред Никос Дендиас. Вкупниот износ што го должат 2.267 даночни обврзници уапсени од 1 јануари до 30 септември достигнал повеќе од 9,2 милијарди евра.

Атина – Меѓународните тутунски компании присутни во Грција се загрижени од плановите на Владата да воведе нов специјален данок на потрошувачка за тутунските производи во време кога загубата во даночните приходи од нелегални цигари, само годинава, изнесува околу 700 милиони евра. Илијас  Асимакопулос, извршен директор на „ЈТ Интернешнл Хелас“, тутунска компанија која е втор најголем играч на локалниот пазар, соопшти дека на грчкиот пазар секоја година влегуваат 4,7 милијарди нелегални цигари, што е 20,5 проценти од локалниот пазар на цигари. Ова се објаснува со фактот што кутија легални цигари чини околу четири евра, додека „на црно“ може да се купи по 1,5 евро.

Анкара – Турција планира во февруари да отвори брза железничка линија, која ќе ги поврзува двата најголеми градови во земјата – Истанбул и Анкара, соопштија официјални извори. Железничката линија во износ од четири милијарди долари е уште еден грандиозен проект на Владата на Реџеп Таип Ердоган, кои често се оспорувани од јавноста. Линијата ќе биде отворена во февруари, но сепак може да има мало задоцнување, изјави претставник на Министерството за транспорт.

Вашингтон – Американските банки во првата половина на октомври извршиле сериозни подготовки во случај да не дојде до договор меѓу демократите и републиканците во Конгресот и државата навистина да прогласи банкрот. Конгресот постигна договор еден ден пред крајниот рок, со што беше спречено САД првпат во својата историја да не можат да ги отплатат своите долгови кон странските доверители, опасност на која предупредуваа и Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и државите доверители, како Кина. Една од најголемите американски банки, „Џеј Пи Морган Чејс“, потрошила 100 милиони долари за да изгради вистински „воен штаб“ со засилени компјутерски системи, ангажирање на економски ексепрти и преиспитување на голем број потпишани договори, во случај ако САД банкротираат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП