Кромид, пире од компири и блитва, месо, коски, хартии… Дали некогаш сте виделе остатоци од храна фрлени на бетонот пред зграда? Или можеби оставени кеси со домашно ѓубре во уличните канти? Искршени прозорци, стари кревети и душеци, црни вреќи околу контејнерите?
Низ целиот град има отпушоци од цигари, трошки од чаршафи, амбалажа… Некои станари дури се обидуваат да ги „нахранат гулабите“ фрлајќи натопен леб од станот. Сето тоа завршува на туѓи тераси, улици, заеднички дворови, куќи, автомобили…
Експертите едногласни – воведување комунална полиција која ќе се грижи за комуналниот ред, чистотата и зачувувањето на животната средина. Комуналната полиција може да напише казна ако фати лице кое го прекршило законот.
Предлог-измените на Законот за локална самоуправа поминаа на владина седница пред три месеци, со кои се предвидува и референдумско отповикување на градоначалници, воведување на комунална полиција и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.
Сега на ред е Собранието да ги изгласа Предлог-измените, кои ќе важат за новите градоначалници кои ќе се избираат во октомври на редовните локални избори.
Одржувањето чистота, почитувањето на куќниот ред и свеста за заедничкиот простор се дел од она што се нарекува етика во домувањето. Во повеќето земји, тоа не се учи, туку се регулира со закон. Додека комуналните служби работат секојдневно на чистење на јавните површини, сè повеќе се слуша дека градот е повалкан од кога било. Иако недостасуваат работници, причината за проблемот е секако однесувањето на поединците.



