Фриленсингот во Македонија од година во година станува сè попривлечна алтернатива на класичното вработување.
Можноста да работите од дома, со клиенти од целиот свет и без фиксно работно време, звучи како идеална формула за слобода и повисока заработка.
Но, реалноста е посложена.
Колкави се заработките?
Нема точен и единствен одговор на прашањето „колку заработува еден фриленсер“.
Сумите драстично варираат – од неколку стотини евра, па сè до неколку илјади за најуспешните.
Според податоците до коишто дојдовме, просечен искусен фриленсер заработува меѓу 700 и 1.200 евра месечно, додека програмерите и ИТ-експертите со силно портфолио често стигнуваат и до 2.000 евра или повеќе.
„Првите години се борев за секој клиент. Работев за многу помалку пари само за да добијам препораки и да создадам портфолио“, вели Бојан С., графички дизајнер со петгодишно искуство на платформите Upwork и Fiverr.
„Денес работам со редовни клиенти од странство, но и понатаму секој месец е различен – понекогаш имам премногу работа, понекогаш речиси ништо“.
Ризици и предности
Фриленсингот носи слобода, но и несигурност. Нема плата на крајот на месецот што е загарантирана, нема боледување, платен одмор или регрес.
„Ако не работиш, нема приходи – едноставно е. Сè зависи од твојата дисциплина и од способноста да најдеш клиенти“, вели Марија К., копирајтерка која минатата година ја напуштила својата маркетинг агенција за да се посвети на работа од дома.
Покрај тоа, мора да се размислува и за даночните обврски.
Во Македонија, фриленсерите плаќаат 10% персонален данок и придонеси, што може да изнесува неколку стотици евра месечно.
Додека дел од нив сè уште се обидуваат да работат „во сива зона“, законските измени и дигиталните траги значат дека ваквите практики стануваат сè поризични.
Што да направите пред да дадете отказ?
Фриленсингот не е „брза патека“ до успех. Потребни се минимум 6–12 месеци упорна работа за да се изгради стабилна база на клиенти.
Пред да се напушти сигурната плата, препорачливо е да се изгради солидно портфолио и добри препораки.
„Обезбедете финансиска резерва за најмалку 3-4 месеци. Истражете ги платформите како Upwork, Fiverr, Toptal, како и директните канали за работа со странски компании. Стекнете вештини за управување со време, комуникација со клиенти и самопромоција. Луѓето често ја идеализираат работата од дома. Но реалноста е дека ова е бизнис во кој сте и работник, и менаџер, и сопствен финансиски советник“, објаснува еден економски аналитичар кој следи трендови на пазарот на работа.
Фриленсингот може да биде одлична кариера за оние кои имаат дисциплина, мотивација и вештини што се бараат на глобалниот пазар.
Заработката може да ја надмине македонската просечна плата, но цената на таа слобода е голема – нестабилни приходи, конкуренција и самостојно носење на сите деловни ризици.
Ако планирате да го направите овој чекор – почнете постепено, паралелно со тековната работа. И секогаш имајте план Б.
Б.З.М.



