ПочетнаЕКОНОМИЈАСè помалку бугарски туристи ја шетаат Македонија

Сè помалку бугарски туристи ја шетаат Македонија

Некогаш редовни гости во Охрид, Берово, па дури и во Скопје – денес, бугарските туристи речиси ги нема. Празните хотелски соби не лажат, како ни разочараните туристичките работници.

Во последниве неколку години, односите меѓу Македонија и Бугарија се заладени, а тоа, како што често се случува, први го почувствуваа… луѓето на терен.

„Сè поретко гледаме возила со бугарски таблички. Порано, секое лето ни носеа групи, постари луѓе кои сакаа тишина, природа, евтина храна. Сега, тишината ни остана само во собите“, вели туристички работник од Скопје.

Тој не е единствен. И хотелиери во источниот дел од земјата – местата блиску до границата, каде што некогаш се калкулираше со „бранови“ од бугарски туристи, велат дека ситуацијата е „подолга зима без крај“.

Според нив, проблемите не почнале вчера, ама последниве три години биле најтешки.

Политиката не знае за сезони

Односите меѓу Скопје и Софија, со сите историски, јазични и идентитетски замки, одамна не се едноставни. Но, политичките блокади, меѓусебните обвинувања и провокациите, според туристичките асоцијации, веќе се манифестираат како економски загуби.

„Кога политичарите фрлаат искри, први горат обичните луѓе. Туризмот, особено граничниот, е исклучително чувствителен. Не им се доаѓа на луѓето каде што не се чувствуваат добредојдени. А медиумите – и таму и тука – само фрлаат масло“, вели Милан Јовановски, туристички работник.

Неговиот хотел, кој во 2018 и 2019 година работел речиси со 80% капацитет преку бугарски аранжмани, денес е на ниво од 20%.
„Некои викенд-посети има, ама тоа се индивидуалци, неорганизирани. Групните доаѓања – ги снемува“, вели тој.

Нема чаре, ако нема волја

Министерството за економија во неколку наврати најавуваше проекти за „поврзување на балканските пазари“, заеднички аранжмани и промоција на „регионалниот туризам“.

Но, како што велат дел од хотелиерите – додека политиката создава ѕидови, тие немаат со што да ги наполнат чиниите.

„Туризмот не признава граници, ама многу брзо ги чувствува“, вели Татјана, водич и преведувачка за балкански тури. „Ние сме тука со отворени раце, ама во моментов, тие се празни“.

И додека големите зборови за евроинтеграции и „добрососедски односи“ се вртат низ студијата и самитите, по селските патишта на Пехчево, Делчево и Берово веќе подолго време не се слушаат бугарски акценти.

Некои можеби ќе речат – не е страшно. Но кога ќе ги собереш сите празни кревети, неизнајмени соби и непродадени сувенири… бројките не лажат.

А најтешко е што никој, ама баш никој, не изгледа како да има конкретен план за да ги врати тие туристи назад. Или барем да објасни зошто ги изгубивме.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП