Сезоната на летни одмори е во полн ек, а голем дел од граѓаните патуваат со сопствени возила кон Грција, Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија и други земји од регионот и Европа. Но, пред да го наполните резервоарот и да го подготвите багажот, не заборавајте на еден многу важен документ – Зелениот картон.
Зелениот картон е доказ за валидно авто-осигурување надвор од територијата на Македонија и е задолжителен документ за сите македонски возила што се движат во странство. Без него, возачите може да бидат казнети или вратени од граничен премин, особено во Грција и Србија каде контролите се строги.
Зелен картон може да се извади месечен (доколку патувате само за одмор) или годишен, кој трае до важноста на вашата полиса за автоодговорност.
Зелениот картон го издаваат осигурителните компании, како и сите овластени брокерски друштва, агенти за осигурување и продавачи на полиси низ целата држава.
Цената на зелениот картон е унифицирана и зависи од времетраењето на картонoт. Месечен зелен картон чини 1.850 денари за возила до 66KW, а 3.075 денари за возила над 66KW. Годишниот зелен картон чини 3.690 денари за возила до 66KW, а 5.536 денари за возила над 66KW.
Пред да тргнете на пат, проверете ја вашата полиса, посетете осигурителна компанија и извадете го зелениот картон на време – не чекајте до последен момент!
Пред неколку години беше најавено дека зелениот картон ќе се спои со полисата за автоодговорност, како во другите земји од регионот, но досега Националното биро за осигурување и институциите молчат, а возачите и натаму мора да вадат два документа за осигурување.
Ова е мал, но неопходен чекор за сигурно и безбедно лето на пат.
С.Б.



