Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, објави дека основната царинска стапка за земјите што нема да постигнат трговски договор со Вашингтон ќе биде во опсег од 15 до 20 проценти.
– Би рекол дека ќе биде некаде помеѓу 15 и 20 проценти, веројатно еден од тие два броја – изјави Трамп за новинарите во Тернбери за време на заедничкото обраќање со британскиот премиер Кир Стармер во Шкотска, пренесува Ројтерс.
Администрацијата на Трамп планира наскоро да испрати известувања до околу 200 земји со наведената царина што ќе се применува на извозот на стоки во Соединетите Американски Држави.
Од април, веќе е воведена дополнителна царина од 10 проценти за повеќето земји, додека се очекува многу други земји да ги зголемат царините од 1 август.
Минатиот викенд, Европската Унија се согласи на трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се воведува царина од 15 проценти за поголемиот дел од европскиот извоз во САД, објавија медиумите.
Во меѓувреме, Трамп објави дека Европската Унија ќе купи американски енергетски производи за 750 милијарди долари, ќе инвестира 600 милијарди во Соединетите Американски Држави и ќе отвори пазари за воена опрема и фармацевтски производи од Америка.



