По повеќе од две години шпекулации, пристигна официјална потврда: Кинескиот автомобилски гигант „BYD“ го носи својот ултра-луксузен бренд „Yangwang“ на европскиот пазар.
Ова е најпрестижниот сегмент од понудата на „BYD“, позициониран дури и над премиум брендот „Denza“.
„Yangwang“ е создаден со јасна цел – да понуди технолошки напредни и исклучително моќни модели кои директно ќе се натпреваруваат со етаблирани имиња како што се „Bentley“, „Porsche“ и „Ferrari“.
Брендот „Yangwang“ го привлече вниманието на светската јавност во 2023-та година со презентацијата на моделот „U8“ – луксузен теренец со повеќе од 1000 коњски сили, помоќен дури и од „BMW M3“.
Неговите можности изгледаат речиси нереални: може да се сврти 360 степени на лице место, па дури и е способен да плови по вода.
По него следеше „U9“, електричен супер автомобил кој достигнува брзина од речиси 390 км/ч.
Благодарение на целосно хидрауличната суспензија, „U9“ може да „скокне“ на место и да вози само на три тркала.
И двата модели се достапни во Кина веќе две години, по цени од околу 140.000 и 235.000 евра.
Иако беа прикажани на познатиот Фестивал на брзината во Гудвуд минатата година, „BYD“ до сега беше многу таинствен во врска со своите европски планови.
Сепак, сега потпретседателката на „BYD“, Стела Ли, официјално потврди во интервју за „Autocar“:
„Нашиот план е да го донесеме ‘Yangwang’ во Европа“.
Ова ќе се случи по лансирањето на брендот „Denza“, кој е позициониран како конкурент на „Audi“, а неговото пристигнување на европскиот пазар се очекува почетокот на следната година.
Иако не ги откри сите детали, Стела Ли потврди дека моделите „U8“ и „U9“ се планирани за продажба во Европа, а најави и пристигнување на дополнителни модели.
Меѓу нив е и супер-седанот „U7“, кој ќе се натпреварува со „Lotus Emeya“.
Овој седан има четири електрични мотори и развива импресивни 1.250 ks, со забрзување од 0 до 100 км/ч за само 2,9 секунди.
Со овој потег, „BYD“ станува првиот кинески производител на автомобили што влегува на европскиот пазар за луксузни возила од врвна класа.
Сепак, останува нејасно дали ќе се обиде да ги позиционира цените под конкурентите како што се „Bentley Bentayga“ и „Ferrari 296“, или дали трошоците за прилагодување кон европските стандарди и увоз, со царина од 17% за кинеските електрични автомобили, ќе ги направат цените значително повисоки отколку во Кина.



