ПочетнаАВТОБИЗ„BMW“ контра законите: Овие моќни мотори сепак нема да исчезнат во 2026-та

„BMW“ контра законите: Овие моќни мотори сепак нема да исчезнат во 2026-та

Сè построгите прописи за емисии убија многу легендарни спортски мотори низ годините, вклучувајќи го и „S65 V8“ во „E92 M3“. Но, раководителот на „М“ дивизијата на „BMW“ вели дека сегашните мотори на неговата компанија нема да ја доживеат истата судбина – барем не засега.

Извршниот директор на „М“ дивизијата на „BMW“, Франк ван Мил, разговараше со „Autocar“ за претстојниот стандард за емисии „Euro 7“ и неговото влијание врз „М“ моторите и потврди дека сегашните шест и осумцилиндрични турбо бензински мотори се безбедни. Ова значи дека нема да има намалување на моќноста, ниту пак ќе има намалување на бројот на цилиндри.

„Не можам ни да замислам четирицилиндричен мотор во ‘BMW M5’“, изјави ван Мил за британскиот магазин.

Стандардот „Euro 7“ стапува на сила во ноември 2026-та година, откако беше одложен порано – првично требаше да започне оваа година.

Иако конечните правила се помалку строги од првично објавените, тие сепак претставуваат предизвик за производителите на автомобили. Бидејќи иако ограничувањата за емисија на издувни гасови остануваат исти како оние на стандардот „Euro 6“, новиот стандард бара овие вредности да бидат исполнети во многу поширок опсег на услови на возење во реалниот свет.

Возилата исто така ќе мора да ги исполнуваат овие стандарди 10 години или 200.000 километри – двојно подолго од претходно.

Затоа инженерите сега обрнуваат уште поголемо внимание на одржувањето на таканаречената вредност „Ламбда 1“, што е односот гориво-воздух при кој моторот работи најефикасно.

„Нормално е дека во режими со високи перформанси моторот се лади со дополнително вбризгување на гориво. Но, со ‘Euro 7’ тоа повеќе не е можно, па затоа мора да пронајдете други начини да спречите прегревање“, објасни ван Мил.

„Секако, можете да ги намалите перформансите за да избегнете зголемување на температурата, но не сакате – и оттука почнавме“, додаде тој.

Автомобилите што се продаваат во Соединетите Држави не мора да ги исполнуваат европските прописи за емисии, бидејќи САД имаат свои правила и за безбедност и за екологија.

Но, европскиот пазар е толку голем што производителите – особено европските, како што е „BMW M“ – честопати не сакаат да трошат дополнителни пари за да произведуваат различни верзии само за Америка.

Затоа модели како „VW Golf GTI“ и „R“ повеќе не се достапни со рачен менувач, иако таа одлука е донесена пред да се олабават стандардите „Euro 7“.

Фолксваген едноставно се подготвуваше за најлошото сценарио и не се потруди да ја промени својата одлука кога се покажа дека тоа сценарио нема да биде усвоено.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП