Кога ќе налеташ на оглас за стан кој ти го привлекува вниманието – добра локација, уреден, со слики што изгледаат како извадени од архитектонски каталог – лесно е да се занесеш.
Но вистинското прашање не е дали станот изгледа убаво, туку: дали вреди толку? Или, попрецизно, дали продавачот си дал слобода да ја „развлече“ цената малку повеќе од што треба?
Во период кога квадратот лета како балон, а побарувачката, и покрај сè, сè уште не се лади, се поставува дилема: како да знаеш дали цената е фер или те врти како рингишпил?
Спореди, ама паметно
Првиот чекор е секогаш истиот: споредба. Не онаа брза, од првите три огласи на интернет, туку подлабока. Анализирај што се нуди за таа иста цена во истиот крај. Ако сите други станови во зградата се движат околу 1.300 евра по квадрат, а некој бара 1.600 – стоп. Можеби има причина. А можеби… не.
Провери и во каква состојба е самата зграда – лифтот, покривот, фасадата. Продавачите често ја креваат цената поради ентериерот, но купецот останува со проблемите што не се гледаат на слика.
Збор-два со соседот
Ако имаш среќа да фатиш некој сосед на врата – зборни му. Неформалниот муабет често ќе ти каже повеќе од целиот оглас. Некои ќе ти кажат колку платила комшиката под станот, други ќе се пожалат дека два месеци немаат притисок на вода. Сето тоа – влијае на вредноста.
Еуфоријата е најскапа замка
„Становите само ќе растат!“, „ќе го земе некој друг ако не се решиш веднаш!“, „ова ти е шанса што не се повторува!“ – ако овие фрази ти звучат познато, веројатно веќе си бил жртва на еуфоричен агент или сопственик со маркетиншки талент.
Баш тука треба да застанеш. Да здивнеш. Да прашаш: зошто е толку итно?
Во реалноста, станот што навистина вреди – не се продава со уцена.
Надуена цена?
Цената може да биде пренадувана и поради емоции. Луѓето често ги ценат своите станови преку лични приказни – „тука ни пораснаа децата“, „реновиравме со најскап паркет“.
Но купувачот не купува емоции, туку квадратура, функционалност, локација и состојба.
И тука некаде, ако ти се чини дека нешто не штима – најверојатно си во право. Инстинктот ретко лаже.
Ангажирај експерт, барем за проценка
Ако сериозно размислуваш за купување, ангажирај лиценциран проценител.
Ќе те чини неколку десетици евра, ама ќе добиеш реална слика за тоа што купуваш. И, може да заштедиш илјадници.
Затоа што, цената на станот не е само бројка. Таа е збир од пазарот, психата на продавачот, состојбата на имотот и твојата способност да гледаш зад гламурот.
Ако нешто те чеша внатрешно, ако цената делува прекрасно нелогична или баш обратно – претерано нелогична – немој да ја игнорираш таа мисла. Затоа што, кога еднаш ќе потпишеш – готово е. Балон или не, ќе си го дувкаш сам.
Б.З.М.



