Сè повеќе мали продавници низ Македонија ги затвораат вратите. Во изминатата година, бројот на регистрирани трговски објекти со 1 до 3 вработени опаднал за над 12%, покажуваат податоците од Централниот регистар.
Причините се повеќе, почнувајќи од растот на трошоците за струја, храна, логистика, како и зголемената конкуренција од големите маркети и онлајн продавници. Притисокот доаѓа и од сивата економија, односно нелегални трговци кои функционираат преку социјалните мрежи, без да плаќаат даноци и без никаква регулатива.
„Не можеме да се носиме со цените на големите маркети. За нас цените од големите трговци се повисоки од она што тие го нудат на акција“, вели сопственик на мала продавничка во Тетово.
Аналитичарите предупредуваат дека згаснувањето на малите продавници значи и згаснување на локалната економија. Тие се важен дел од заедниците, особено во руралните средини.
Потребна е итна поддршка од државата, преку субвенции, даночни олеснувања или кампањи за поддршка на локалната економија, по моделот на „Купувај домашно“. Во спротивно, ќе продолжиме да гледаме затворени дуќани и празни локали по македонските улици.
С.Б.



