Народната банка е доследна во одржувањето на макроекономската стабилност како најсоодветен амбиент за водење бизнис и создавање поволни услови за раст и развој на домашната економија. За таа цел, централната банка секогаш води соодветни политики, коишто гарантираат стабилни и предвидливи услови. Ова беше посочено на денешната работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, којашто се одржа во просториите на Комората, во присуство на членови на Управниот одбор на Комората и на претставници на медиумите.
Банкарскиот сектор е стабилен, со историски висока капитална адекватност, што претставува значаен потпорен столб за економската стабилност и за економијата во целина. Во интерес на унапредувањето на финансиската вклученост и за зголемена ефикасност на банкарските услуги, Народната банка веќе ги презеде првите активности за намалување на надоместоците кај одделни банкарски услуги. Активностите ќе се одвиваат и понатаму, со цел да се унапреди пристапот до финансиските услуги за граѓаните и за компаниите.


