ПочетнаЕКОНОМИЈАБрокер или Осигурителна компанија: Каде е поголема добивката?

Брокер или Осигурителна компанија: Каде е поголема добивката?

Во последните години, сѐ повеќе се отвора прашањето дали е подобро да имаш осигурителна компанија или брокерско друштво во Македонија?

На прв поглед, одговорот изгледа едноставен. Брокерите, агенциите и другите посредници во продажба на осигурување, во некои случаи земаат провизии и до 40% од премијата, додека осигурителните компании сносат целосна обврска за исплата на штети, се справуваат со регулаторни барања, резерви, лиценци, административни и ИТ-системи, човечки ресурси и капитална адекватност. На крајот, нето добивките на осигурителните компании остануваат на минимално ниво, особено во споредба со другите сегменти од финансискиот сектор, како што се банките, финансиските друштва или инвестициските фондови.

Искуството од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија) покажува јасна тенденција, кога државата или регулаторот воведува горна граница на провизиите кои осигурителните компании смеат да ги даваат на брокери, а тоа доведува до стабилизирање на пазарот, намалување на трошоците за аквизиција, како и зголемување на профитот кај осигурителните компании.

На пример, во Хрватска и Србија, пред неколку години беа ограничени провизиите за авто-одговорност, што резултираше со зголемување на конкуренцијата врз основа на квалитет и цена, а не преку дистрибуциски манипулации.

Ако се направи едноставна пресметка, ќе се види дека при премија од 10.000 денари, брокерот може да земе и до 4.000 денари провизија, додека осигурителната компанија останува со 6.000 денари од кои треба да покрие ризик од штета, административни трошоци, маркетинг, вработени, и на крајот останува со минимална добивка.

Прашањето е дали ова е одржливо на долг рок?

Македонскиот пазар е мал, но развива динамика. Бројот на брокерски друштва постојано расте, но осигурителните компании стануваат сѐ пооптоварени со барања од регулаторот и јавноста. Затоа, можеби е време за отворена дискусија за моделот на продажба на осигурување од аспект на тоа дали треба да се воведе максимална дозволена провизија, дали треба да се стимулира директната продажба, дали осигурителните компании треба да добијат повеќе поддршка од регулаторот за одржливо работење?

Во моментов, изгледа дека е поисплатливо да се биде брокерско друштво, отколку сопственик на осигурителна компанија, барем кога се гледа чисто од аспект на профитна маргина. Но, ако се сака долгорочна стабилност и развој на пазарот, односот меѓу осигурителните компании и посредниците мора да се преиспита и редефинира.

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП