ПочетнаЕКОНОМИЈАНе можеме баш сите да имаме стан на плоштад

Не можеме баш сите да имаме стан на плоштад

Гувернерот најави мерки за поевтинување на становите, но градежниците велат дека тоа не се прави така едноставно. Наместо механички да се бара начин за спуштање на цените, според нив, многу посуштински би било да се отворат нови локации за градба и така да се смири пазарот.

„Пазарот не е аптека, па само да му наредиш: ај сега поевтини! Мора да разбереме зошто воопшто дошло до овие цени. Ако нема нови места за градба, секој сака во Центар или во Аеродром, нормално дека цените ќе бидат високи. Мора да седнеме сите заедно – и градежници, и банки, и институции – и да видиме што навистина се случува“, велат од Градежната комора.

Градителите предупредуваат дека секоја одлука донесена „од око“, без претходна дебата, само ќе ја замати ситуацијата и ќе предизвика контраефекти.

За нив е многу поедноставно: нови, достапни парцели на периферијата, не мора баш сите да бидат на плоштад „Македонија“ или на Водно.

„Луѓето во моментов купуваат стари станови по високи цени, а нови нема доволно. Дури и кога има, локациите се елитни, и пак се прескапи. А зошто да не направиме нешто поинаку? Да се отвори некоја поевтина локација, која ќе биде пристојно поврзана, и така полека да се регулира пазарот“, додаваат експертите.

Од градежниот сектор, пак, велат дека има и други проблеми, не само локациите. Не може да се најде добар кадар. Градежници, инженери, мајстори – сè помалку има, а и тие што останале веќе се презафатени. И ова влијае на конечната цена, бидејќи платите мора да растат ако сакаш да го задржиш тој што го имаш.

„Ако нема луѓе, нема кој да ги изгради становите. Ако и платите мора да се качуваат, тогаш – знаеме како оди, нели? – тоа автоматски ги дига и цените. Нема тука магично стапче“, велат од секторот.

За сега од Народната банка не откриваат конкретно какви мерки се подготвуваат. Славевски само кажа дека ситуацијата со становите е алармантна и мора нешто да се направи. Што точно, останува да видиме. А до тогаш, јасно е дека решението нема да падне од небо – и дека сите треба да си седнат и сериозно да разговараат, пред да биде доцна.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП