Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека следните мировни преговори меѓу Москва и Киев се закажани за среда, по двата претходни состаноци што се одржаа во Истанбул без многу успех.
„Разговарав со секретарот на Советот за безбедност на Украина Рустем Умеров за подготовката на нов состанок во Турција. Умеров изјави дека состанокот е закажан за среда“, рече Зеленски во своето дневно обраќање кое беше емитувано на социјалните мрежи.
Два последователни состаноци во Истанбул меѓу руските и украинските делегации, организирани под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, донесоа мал напредок во прекинот на огнот, што резултираше само со размена на затвореници и тела на загинати војници.
За време на последните разговори во јуни, Русија ги повтори своите барања, вклучително и отстапување на четири региони на Украина, покрај Крим, анектиран во 2014 година, како и откажување од целата западна воена помош и членството на Украина во НАТО.
Украина ги отфрли тие барања, сметајќи ги за ултиматум.
Сепак, Кремљ изрази подготвеност да ги продолжи преговорите со Украина откако Трамп ѝ даде на Русија 50 дена да преговара за договор или да се соочи со строги санкции и да продолжи со снабдувањето со оружје на Киев.



