Европската унија ги поздрави напорите на Шпанија за стабилизирање на состојбата на домашниот банкарски сектор.
Брисел, сепак, истовремено предупреди на опасноста од неисполнувањето на зацртаната цел за дефицитот.
Шпанија во јануари наредната година би требало да излезе од кредитниот аранжман за помош на ослабениот банкарски сектор, оптеретен со голема количина на ненаплатливи кредити настанати по проблемите со недвижнините во 2008 година, пренесува агенцијата Франс прес.
Минатата година, еврозоната се согласи на Шпанија да и додели кредит до 100 милијарди евра за стабилизација на ситуацијата во домашните банки. Од таа сума, официјален Мадрид досега искористи 41 милијарда евра.
„Стабилизацијата на состојбата во финансискиот сектор дополнително напредуваше, благодарение пред се на индикаторите за економското закрепнување“, се наведува во извештајот на Европската комисија.
Сепак, според Европската комисија, шпанските банки сеуште се соочени со големи предизвици.
„И покрај позитивниот развој на настаните, економската ситуација продолжува да го загрозува банкарскиот сектор“, се вели во извештајот.