ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопјани претаат како риби на суво – а може да биде уште...

Скопјани претаат како риби на суво – а може да биде уште полошо?

Скопје буквално се бори за секоја капка вода. Изворот Рашче, кој десетици години е симбол за стабилно снабдување на градот, е веќе исцеден до последната можност.

„Водовод и канализација“ ги вклучи и последните резерви – бунарите во Нерези и во Лепенец – но сепак цели населби и натаму се со пресушени чешми, речиси целосно отсечени од градскиот водоснабдувачки систем.

„Повеќе од ова не можеме. Системот е буквално на раб на колапс“, алармираше на седницата на Советот на Град Скопје, Зоран Стојанов, оперативниот директор во јавното претпријатие.

Во неговиот глас се чувствуваше нервоза и очигледна загриженост додека објаснуваше дека ако нешто тргне наопаку, една мала хаварија или дефект, градот буквално ќе остане без капка вода за пиење.

Она што дополнително го вознемирува Стојанов, како што и самиот посочи, е незаинтересираноста на скопјани за апелите да се штеди. Наместо солидарност, граѓаните во пониските населби, кои немаат рестрикции, масовно ја користат пивката вода за полевање градини, тревници, па дури и улици.

„Состојбата е навистина загрижувачка. Ние немаме механизам да казниме некого. Можеме само да пријавуваме до комуналните инспектори, па после тоа – кој знае кога ќе излезат, како ќе реагираат… Сè е премногу комплицирано и бавно. И додека се губиме во бирократија, водата ни тече пред очи“, рече Стојанов со тон на беспомошност.

Состојбата е толку сериозна што, според директорот, од технички аспект се вложуваат екстремни напори, работат сите пумпи на максимум, но постои реална опасност бунарите да попуштат. Едноставно – тие можат да колабираат.

„Вака нешто, искрено, не паметам во последните дваесет години што сум во ‘Водовод’. А ако продолжи вака, ако луѓето не се освестат, ова нема да е само летен проблем. Секој следен период, секоја следна година ќе биде сè потешко. Рашче е онаков каков што е, нема резервен извор, нема друго решение“, порача Стојанов.

Од „Водовод и канализација“ се надеваат дека најавениот дожд би можел малку да ја стабилизира ситуацијата, но дали и кога тоа ќе се случи – останува неизвесно. Дотогаш, градот ќе мора да се надева на разумот и свеста на граѓаните, иако до сега тоа не се покажа како најсигурна опција.

Но, како што забележа Стојанов на крајот:

„Не дај Боже нешто да тргне наопаку… тогаш веќе нема да зборуваме за недостиг. Ќе зборуваме за катастрофа“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП