Кога Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ќе донесе одлука за казнување на некоја компанија, тоа не е само правна и финансиска санкција, туку тоа е сериозен сигнал до пазарот, до потрошувачите, како и до партнерите, дека нешто во работењето на компанијата било надвор од ферските пазарни правила.
Со други зборови, казната од КЗК е удар врз угледот, финансиите и иднината на една компанија.
Во јавноста, ваквата постапка најчесто се доживува како удар врз угледот. Компанија која била фатена во картел, злоупотреба на доминантна позиција или нефер здружување со друга фирма, се соочува со пад на довербата, како кај потрошувачите, така и кај деловните партнери и инвеститорите. Дури и ако паричната казна не е драстична, штетата по имиџот може да биде долгорочна.
Финансискиот аспект, пак, не е за потценување. КЗК може да изрече казни во висина до 10% од вкупниот приход на компанијата на годишно ниво. Тоа за некоја голема фирма, може да значи милионски износи, што директно ќе влијае врз ликвидноста и плановите за раст. Освен тоа, самата постапка пред КЗК вклучува ангажман на правници, поднесување на докази, внатрешни ревизии и управување со кризен ПР, што дополнително ги троши ресурсите на компанијата.
Компаниите кои еднаш ќе бидат санкционирани од КЗК, влегуваат под лупа и во наредните години, не само од страна на регулаторите, туку и од медиумите, граѓанскиот сектор и јавноста. Тоа значи дека секоја нивна деловна активност ќе биде анализирана низ призмата на нивното минато однесување.
Затоа, за секој бизнис, почитувањето на правилата на конкуренцијата не е само законска обврска, туку е и стратешка определба за одржливост, раст и репутација.
С.Б.



