Иако уште од декември 2023 се најавува укинување на зелениот картон и негово интегрирање во полисата за осигурување од автоодговорност, реалноста на терен е поинаква, зелен картон сè уште е задолжителен документ за сите што патуваат во странство со возило.
Според информациите на Денар, анализите за укинување на зелениот картон сè уште се во тек и нема ниту законски измени, ниту конкретна временска рамка кога би се спровела најавената реформа.
Во меѓувреме, возачите и понатаму плаќаат високи износи за документ кој во многу земји од регионот веќе е минато, односно од 3.690 до 5.536 денари годишно за патнички возила, а до 17.222 денари за автобуси и товарни возила.
Иако беше најавено дека во последното тримесечје на 2024 ќе се донесе конечна одлука, до денес не постои ниту официјално решение, ниту објава од институциите.
Потсетуваме дека во Србија, БиХ, Албанија, Словенија и Грција зелениот картон веќе е интегриран во полисата за автоодговорност, а со тоа и цената на регистрацијата е транспарентна и усогласена со ЕУ-директивите.
Сè додека кај нас не се направат промените, граѓаните ќе продолжат да плаќаат дополнителни трошоци секогаш кога ќе патуваат надвор од државата со сопствен автомобил.
С.Б.



