Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) официјално до нашата редакција потврди дека е утврден прекршок за картелско однесување кај четири трговски ланци и Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според одговорот што нашата редакција го доби од КЗК, по претходно објавеното соопштение за извршен ненајавен увид, Комисијата донела конечно известување за утврдена фактичка состојба, со кое утврдила прекршок и изрекла глоба.
„Комисијата поведе постапка против четири ланци на супермаркти и Сојуз на стопански комори на Македонија со цел да утврди постоење на забранет договор – картел. Комисијата донесе конечно известување за утврдена фактичка состојба со кое утврди прекршок и глоба за четирите ланци на супермаркети и Сојуз на стопански комори на Македонија. Постапката е сеуште во тек. По завршување на истата, односно донесување на решение, ќе бидете дополнително известени“, напишаа до нашата редакција од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Според КЗК, четирите трговски ланци и Сојузот на стопански комори се договориле да не набавуваат производи од добавувачи што доставиле нови ценовници, што претставува усогласено однесување и нарушување на конкуренцијата, забрането со член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Комисијата информира дека постапката е сè уште во тек, а по нејзиното целосно завршување и донесување на официјално решение, јавноста ќе биде дополнително информирана.
Случајот го отвора прашањето за монополско влијание и заштита на пазарната правичност, особено во сектори кои се директно поврзани со секојдневните потреби на граѓаните. Ваквите договори, доколку се потврдени со конечна одлука – директно влијаат врз цените на храната и условите за набавка за илјадници производители.
Нашата редакција од Денар ќе продолжи да ја следи темата и ќе објави дополнителни детали веднаш штом КЗК донесе конечна одлука.
С.Б.



