ПочетнаЕКОНОМИЈАСомневањата за картелско договарање остануваат без одговор, КЗК молчи

Сомневањата за картелско договарање остануваат без одговор, КЗК молчи

Поминаа неколку месеци откако Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) излезе со драматично соопштение во кое информираше дека е извршен ненајавен увид во четири трговски ланци и една стопанска комора, поради сомнение за прекршување на член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата – односно постоење на забранет договор – картелско однесување.

Во соопштението, КЗК тврдеше дека има докази за незаконита одлука, донесена со усогласено однесување на субјектите, со цел да не се набавуваат производи од добавувачи што испратиле нови ценовници. Според КЗК, одлуката дури била и јавно објавена, што го засили сомнежот за потенцијално кршење на конкурентските правила на пазарот.

Но, и покрај сериозноста на обвинувањата и јавниот интерес, Комисијата не објави никаква нова информација, односно до денешен ден нема официјална потврда дали постапката е завршена, дали се изречени санкции или сè уште е во тек.

Редакцијата на Денар испрати официјално барање до КЗК за повратна информација околу статусот на предметот, но не добивме никаков одговор.

*Објавата на КЗК од Facebook

Јавноста има право да знае

Во услови на растечка инфлација, поскапување на прехранбените производи и намалена куповна моќ кај граѓаните, прашањето за евентуално манипулирање со цените од страна на големите трговски синџири е прашање од јавен интерес.

Молчеењето на надлежната институција само ја поткопува довербата во спроведувањето на правдата и борбата против нелојалната конкуренција.

Што следи?

Доколку КЗК навистина собра докази и поведе прекршочна постапка, јавноста треба да биде информирана за резултатот. Доколку, пак, нема основа за казни – и тоа треба да биде транспарентно објаснето.

Во спротивно, останува впечатокот дека случаите се отвораат за дневно-политички поени, а не за вистинска заштита на пазарната конкурентност и интересите на потрошувачите.

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП