Доналд Трамп наскоро ќе објави инвестиции од 70 милијарди долари во вештачка интелигенција (ВИ) и енергија како дел од најновиот поттик на Белата куќа за забрзување на развојот на новите технологии, објави Блумберг, повикувајќи се на неименуван функционер.
Според истиот извор од администрацијата на Трамп, се очекува Трамп да ги детализира новите иницијативи за време на настан во близина на Питсбург, Пенсилванија. Инвестициите од голем број компании ќе вклучуваат нови центри за податоци, зголемено производство на енергија и модернизација на инфраструктурата, како и програми за обука за ВИ, додаде функционерот.
На Трамп ќе му се придружи републиканскиот сенатор Дејвид МекКормик, кој е домаќин на Самитот за енергија и иновации во Пенсилванија на Универзитетот Карнеги Мелон. Се очекува на собирот да присуствуваат лидери во секторите за ВИ и енергетика, вклучувајќи дури 60 извршни директори на компании.
Меѓу нив ќе бидат директорите на „БлекРок“, Лари Финк, „Палантир Технолоџис“, Алекс Карп, како и претставниците на „Ексон Мобил“, „Дарен Вудс“ и „Шеврон Корпорејшн“, Мајк Вирт, додаде претставникот, според „Блумберг“.
Како што најави портпаролот на сенаторот МекКормик, претставникот на „Блекстоун“, Џон Греј, ќе објави проект вреден 25 милијарди долари за развој на центар за податоци и енергетска инфраструктура, како и основање заедничко вложување за зголемување на производството на енергија што треба да создаде 6.000 работни места во градежниот сектор годишно, како и 3.000 постојани работни места.
Најавата за овие инвестиции ќе го означи најновиот чекор на Трамп кон исполнување на неговото ветување да обезбеди САД да преземат водечка улога во вештачката интелигенција, според „Блумберг“. Претходно оваа година, тој објави инвестиции од 100 милијарди долари во центри за податоци за вештачка интелигенција од страна на „СофтБанк Груп“, „ОпенАИ“ и „Оракл“.
Потезите на администрацијата имаат за цел да ги одржат САД пред Кина во трката за развој на вештачката интелигенција, според „Блумберг“. Трамп и другите функционери, исто така, ја нагласија важноста од постигнување на уште еден приоритет, а тоа е обезбедување доволно електрична енергија за центрите за податоци со вештачка интелигенција во Америка.
До 2035 година, се предвидува дека овие центри ќе покријат 8,6 проценти од вкупната побарувачка за електрична енергија во САД, што е двојно повеќе од денешните 3,5 проценти, според „Блумберг“.



