Британскиот берзански индекс FTSE 100 ја надмина границата од 9.000 поени и достигна нов рекорд, искачувајќи се на 9.016,98 денес, што е зголемување од околу 0,2 проценти во текот на денот. Така, вкупниот раст на овој индекс во 2025 година надмина 10 проценти.
Ова е нов интрадневен максимум за „Footsie“, како што е индексот популарно познат во лондонските финансиски кругови, и прв пат индексот да ја надмина границата од 9.000, објавува „Гардијан“.
Како што веќе беше посочено, растот на лондонската берза оваа година е резултат на неколку фактори, вклучувајќи ја тенденцијата на инвеститорите да ги диверзифицираат своите инвестиции и да ја намалат изложеноста на американскиот пазар, поради загриженоста за економската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трговската војна на Трамп, исто така, му помогна на британскиот пазар, бидејќи Велика Британија е меѓу ретките земји што постигнаа трговски договор со САД, гарантирајќи пониски тарифи. Порастот на индексот FTSE 100 е добра вест за секој што инвестира во британски компании преку пензиски фондови или инвестициски сметки (ISA), но не дава точна слика за состојбата на британската економија.
Повеќето од најголемите членови на индексот се мултинационални компании како што се AstraZeneca, HSBC, Shell и Unilever, а проценките велат дека околу 75 проценти од нивните вкупни приходи доаѓаат од странство, главно во американски долари.
Во меѓувреме, Банката на Англија објави олеснување на регулативите за помалите банки, потег наменет да им помогне на средните кредитори како што се Metro Bank и Starling.
Банката на Англија го зголемува прагот над кој банките мора да чуваат итни фондови што ѝ овозможуваат на банката да се затвори без спасување од даночниот обврзник во случај на неуспех. Во иднина, оваа обврска се однесува само на банки чии средства надминуваат 25 до 40 милијарди фунти (претходниот праг беше помеѓу 15 и 25 милијарди фунти).



