Прашањето е едноставно, ама одговорот… па и не баш. Кога некој решава да ги вложи своите пари во недвижности со намера да заработи од изнајмување на тие недвижности, најчесто се соочува со една дилема: дали да инвестира во еден поголем стан или, пак, парите да ги распредели на два помали?
Логично, и двете варијанти имаат свои добри и лоши страни, но ајде да го видиме одблиску овој вечен дуел на становите.
Еден голем стан има свои предности. На пример, може да привлече стабилни станари, најчесто семејства или парови со долгорочни намери. Ова значи помалку проблеми, помалку промени и, секако, помалку главоболки.
Сите сакаме стабилност, нели? Поголемите станови најчесто се наоѓаат на подобри локации, имаат подобра инфраструктура, а тоа автоматски овозможува да се бара повисока месечна кирија.
Но, постои една важна ставка – а тоа е што, кога тој голем стан ќе остане празен, вашиот приход паѓа на нула. А станот и натаму бара одржување, па сметките си течат, и на крај се прашувате – можеби два помали стана беа подобра опција?
Е, тука веќе стигнуваме до втората варијанта. Ако одберете да купите два мали стана, вашата инвестиција автоматски се распоредува. И да се случи еден од становите да остане без станар, барем другиот и понатаму носи приход. А ова дефинитивно носи мирен сон.
Малите станови се полесни за издавање, особено во урбани средини со многу студенти или млади професионалци, кои почесто се селат и побрзо се одлучуваат да живеат под кирија. Секако, овде доаѓа и повеќе работа околу одржувањето, повеќе контакти со станарите и повремени нервози околу наплатата на кирии.
Математички гледано, двата мали стана во принцип може да ви донесат поголем месечен приход во споредба со еден голем. Но, дали сте спремни за дополнителните обврски и почестата промена на станари?
Ако сте тип што сака сè да биде под контрола и со помалку „нервозни денови“, тогаш веројатно големиот стан ви е подобар избор.
Но, ако сте повеќе флексибилни, ако не ве плашат малите компликации, ако ја сакате диверзификацијата, тогаш два помали стана можат да бидат попаметен избор за вашите пари.
Б.З.М.



